Неверојатно интересни и слатки десерти со сладок компир
Слаткиот компир или батат е неверојатно здрав зеленчук, кој освен како главен оброк, може да се искористи и во голем број десерти. Пирето од сварен или печен сладок компир дава посебен шмек на голем број јадења, а особено се вклопува во рецептите за неколку интересни и необични десерти, кои можат да се подготвуваат и во лето и во зима.
1. Сладолед од сладок компир
Потребни состојки:
- 470 милилитри крем за готвење
- ½ литар млеко
- 170 грама пире од сладок компир
- 1 кафена лажичка екстракт од ванила
- ½ кафена лажичка цимет
- ¼ кафена лажичка каранфилчиња
- ½ кафена лажичка свежо рендано морско оревче
- 85 грама сечкани ореви
- 50 грама маршмелоу
- Мелени бисквити за декорација
Начин на подготовка:
Во сад со средна големина измешајте ги млекото, пирето од сладок компир, ванилата, циметот, каранфилчињата и морското оревче. Мешајте додека состојките не се соединат. Во друг сад со миксер изматете го кремот за готвење, а потоа во него додајте ја смесата со слаткиот компир. Мешајте додека не се соединат. Додајте маршмелоу и ореви.
Префрлете ја смесата во голема тава и убаво распоредете ја. Покријте ја со пластична фолија која ќе ја допира површината на сладоледот за да се избегне кристализација. Оставете го во замрзнувач најмалку 6 часа. Извадете го сладоледот околу 15 минути пред послужување. Послужете го наросен со мелени бисквити.
2. Вегански мини крофнички од сладок компир
Потребни состојки:
- 125 грама брашно
- 1 кафена лажичка прашок за печиво
- ¼ кафена лажичка сол
- 1 супена лажица маслиново масло
- 170 грама пире од слатки компири
- 170 милилитри топла вода
- Масло (сончогледово) за пржење
- 50 грама шеќер
- ½ кафена лажичка ѓумбир
- ½ кафена лажичка цимет
- ¼ кафена лажичка морско оревче
- ¼ кафена лажичка кардамом
Начин на подготовка:
Ставете ги сите суви состојки во еден сад и измешајте ги добро. Потоа додајте го маслото, пирето од слаткиот компир и половина од топлата вода и мешајте додека сите состојки не се соединат. Продолжете да мешате и да додавате вода, додека не се создаде убаво и мазно тесто. Загрејте поголема количина од сончогледово масло во тавче на температура од 180 степени.
Земајте од тестото со мала лажичка и внимателно ставајте го во маслото. Малите крофни по две минути пржење ќе бидат готови. Извадете ги кога ќе добијат убава златно кафена боја. Поставете ги на хартиена подлога за да се исцеди вишокот масло од нив. Откако ќе го испржите целото тесто, оставете ги крофните малку да се одморат, а вие во еден сад измешајте ги шеќерот, ѓумбирот, циметот, морското оревче и кардамомот. Потоа секоја крофна извалкајте ја во оваа смеса. Можете да ги послужите со топло чоколадо или кафе.
3. Крем бруле од сладок компир
Потребни состојки:
- 1 сладок компир
- 360 милилитри крем за готвење
- 120 милилитри млеко
- 3 жолчки
- 2 супени лажици кафен шеќер
- 1 стапче свежа ванила
- 2, 3 супени лажици ликер
Начин на подготовка:
Загрејте ја рерната на 220 степени. Печете го компирот цел, без да го лупите, од 45 до 60 минути, во зависност од големината. Извадете го од рерна кога целосно ќе омекне. Излупете го, пасирајте го во пире и оставете го да се излади. Потоа намалете ја температурата на рерната на 160 степени. Поставете 6 до 8 мали длабоки чинии (доколку имате специјални за бруле) во голем подлабок плех. Сварете ги млекото и кремот додека не зовријат. Додека млекото се вари, изматете ги настрана жолчките, семките од ванила и шеќерот, додека не станат пенести.
Додајте го ликерот во слаткиот компир и измешајте ги директно во жолчките. Потоа полека додавајте го во топлиот крем со постојано мешање. Смесата сипете ја во малите чинии. Додадете топла вода во плехот, којашто треба да ги покрие до половина малите садови. Ставете ги во рерна и печете околу 45 минути. Брулето треба да биде сè уште меко во средината. Оставете ги да се изладат и потоа малите садови сместете ги во фрижидер, каде треба да отстојат најмалку 3 часа. Потоа извадете го садовите и посипете ги со слој шеќер. Ставете ги во рерна на кратко, на најгорната решетка, додека шеќерот не се растопи и не добие цврста кора.
4. Лесен колач со сладок компир
Потребни состојки:
- 340 грама шеќер
- 230 грама растопен путер
- 4 јајца, на собна температура
- 2 кафени лажички путер со ореви и ванила
- 210 грама брашно
- 1 лажичка сол
- 400 грама пире од печен компир
- 125 грама сечкани ореви
Состојки за прелив:
- 170 грама сирење
- 115 грама путер
- 250 грама шеќер во прав
- 1 кафена лажичка ванила
- Исечкани ореви
Начин на подготовка:
Загрејте ја рерната на 350 степени. Намачкајте стаклен огноотпорен сад со масло. Во сад со средна големина измешајте го брашното со солта. Во друг сад со миксер изматете ги путерот и шеќерот додека не добијат кремаста структура. Додавајте ги јајцата едно по едно и матете полека. Додајте го путерот со вкус на ванила. Потоа внимателно додајте го брашното во изматениот крем. Внимавајте да не ги матите премногу долго.
Додајте ги и пирето од сладок компир и оревите. Ставете ја смесата во огноотпорниот сад и распоредете го убаво по целата површина. Печете околу 30 до 35 минути. Со чепкалка за заби проверете дали е колачот испечен. Ако на неа нема остатоци од тестото, извадете го колачот од рерна. Оставете да се излади. Во меѓувреме измешајте ги состојките за прелив и размачкајте го врз изладениот колач. Исечете го на мали парчиња и послужете со топол пијалак или сладолед.