Нешта кои никој не ви ги кажува кога ќе започнете со безглутенска диета

Нешта кои никој не ви ги кажува кога ќе започнете со безглутенска диета

Вашиот доктор открил дека сте нетолерантни на глутен и ве убедил дека многу лесно ќе се адаптирате на новиот начин на живот? Тоа не е целосно точно. Погледнете ги наредниве неколку нешта со кои се соочуваат сите оние кои започнуваат со безглутенска диета…

Нешта кои никој не ви ги кажува кога ќе започнете со безглутенска диета

1. Нетолерантноста на глутен има свои негативни страни

Некој би помислил дека е едноставно да се исфрлат од исхраната сите оние нешта кои негативно влијаат врз здравјето, но нашето тело не секогаш ги разбира овие избори. Сите ние сме навикнати на еден вид исхрана и кога сме приморани од корен да ја промениме, работите не почнуваат лесно да се движат во онаа насока во која ние сакаме тие да одат.

Можеби првите неколку недели ќе се чувствувате прекрасно, бидејќи сите симптоми кои оваа болест ги предизвикувала ќе исчезнат, меѓутоа како што поминува времето така вашето тело ќе почне да копнее за сите оние ситници кои ви предизвикувале неизмерно задоволство. Без разлика дали станува збор за сладолед, чоколадо, пица, тестенини или леб…

Секако, има замена за оваа храна, која има незабележливо различен вкус, но проблемот е во тоа што треба сами да си ја подготвите. А тоа е многу тешко во оние денови кога сте преморени и единствено што сакате е да лежите на вашиот кауч покрај телевизорот и да порачате готова храна од вашиот омилен ресторан која тие ќе ви ја донесат до дома. А токму тоа нè води и до следната точка.

2. Јадењето надвор е многу комплицирано

Без разлика на тоа колку пати ќе го препрочитате менито, едноставно на него нема магично да се појави она што е безбедно за вас. Откако ќе го сфатите тоа, ќе почнете да правите различни видови комбинации, со цел да ги избегнете оние нешта кои можат негативно да влијаат врз вашето тело.

Следен чекор е да ја објасните оваа комбинација на келнерот, кој откако ќе му кажете дека имате проблем со глутенот ќе почне да превртува со очите и секако, бидејќи не е доволно запознаен со оваа состојба нема да ве сфати сериозно. Токму затоа, ви препорачуваме да кажете дека сте алергични на леб или пак, на нешто што друго што содржи глутен, притоа избегнувајќи го зборот „глутен“ доколку сакате да биде сфатени посериозно. Па, и покрај вашите напори да ви биде набројано буквално сè што содржи порцијата која сте ја порачале, сепак тој или таа ќе „заборави“ на нешто што вие не смеете да го внесувате во вашето тело и со тоа ќе го контаминира целиот ваш оброк. Во овој случај имате две можности, или да се пожалите и да побарате нова порција или да молчите додека сите околу вас не завршат со јадење, да платите за нешто што всушност не сте го ни порачале и да останете гладни.

За среќа има и добра вест. Потребно е време додека ги најдете оние места каде никогаш нема да имате реакција на храната и во кои келнерите учтиво и искрено ќе ви објаснуваат што сè содржи порцијата која сте ја порачале. Но, откако ќе ги најдете, работите брзо ќе тргнат на подобро. Во секој случај, потребно е постојано да внимавате и да прашувате, бидејќи никогаш не можете да бидете 100% сигурни во она што го порачувате. Можеби готвачите решиле да направат некаква промена во рецептот или пак, случајно да додадат нешто што може на вас штетно да ви влијае.

3. Купувањето во маркет е скоро невозможна работа

И покрај тоа што во последно време во скоро сите поголеми маркети можат да се најдат безглутенски производи, изборот е премногу мал (се наоѓа во еден мал агол од маркетот, распределен на една полица и опкружен со сите оние нешта кои не смеете да ги консумирате) и што и да одберете да купите ќе ве чини многу поскапо од вашиот претходен режим на исхрана.

Сепак не сè е толку црно. Доколку на производот не стои знак дека не содржи глутен, не мора да значи дека тој не е безбеден за вас. Првите неколку месеци посетите во маркетите ќе ви бидат долги и напорни, бидејќи ќе мора постојано да ги читате состојките на производите, но со тек на време и многу пребарувања на Google, ќе дознаете точно што со сигурност содржи глутен, што би можело да содржи глутен и што е комплетно безбедно за вас.

4. Мора да гледате како другите уживаат во храната која на вас очајно ви недостасува

Без разлика за каков настан станува збор, вие целата своја енергија ќе ја насочувате кон тоа да бидете што подалеку од храната која не смеете да ја јадете. Но, верувале или не, тоа е полесниот дел. Тешкиот дел започнува кога некој ќе застане покрај вас, со парче торта во рацете и додека ужива во својот десерт, ќе ви каже „Земи едно залаче, ништо нема да ти биде.“ И покрај тоа што вие знаете дека тоа не е вистина, сепак потребна е огромна внатрешна сила и дисциплина за да го одбиете тоа едно залче слатко совршенство. Но, што се случува кога нема да можете да одбиете и ќе земете нешто што не смеете? Продолжете со читање…

5. Нема бегање од грешката

Да замислиме дека сте се убедиле дека нема да ви биде ништо доколку земете едно залче торта. Но, бидејќи никогаш не се останува на едно, тоа ќе се претвори во две, три, четири, пет… Додека да се освестите ќе сфатите дека сте изеле пола торта, а покрај неа и цел тон друга храна која исто така ви била забранета. И во тој момент знаете точно што ве чека.

Сите ваши симптоми инстантно се враќаат во вашето тело и приморани сте да го напуштите настанот бидејќи едноставно не можете веќе да стоите на нозе поради болките во вашиот желудник. Откако ќе се вратите дома и ќе легнете на вашиот кревет, склопени во форма на топка, сфаќате дека ова едноставно не вреди и си ветувате на себе дека никогаш повеќе нема да го направите тоа. И можеби ќе го почитувате ова ветување некое време, но сепак надворешното влијание нема да ви дозволи целосно да се изолирате од оваа исхрана. Вие секогаш ќе бидете опкружени со оние работи кои не смеете да ги јадете, а во кои толку многу сте уживале поголемиот дел од вашиот живот. Токму ова е причината поради која оваа болест е една од најтешките.

Како што споменавме погоре, можеби изгледа едноставно да се исфрли од вашиот живот она што ви влијае лошо, но кога станува збор за потребите на нашето тело и навиките кои тоа ги стекнало со текот на годините, понекогаш избегнувањето на глутенот изгледа како невозможна мисија. Потребно е многу време, решителност, упорност и поддршка од најблиските доколку сакате да успеете да изградите нов и здрав живот за вас, во кои ќе бидете ослободени од сите негативни влијанија од глутенот врз вашето тело. Но, не се откажувајте. И покрај тоа што е навистина тешко, сепак постојат големи шанси да успеете.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар