Нервозни сте? Тогаш сигурно несвесно се смеете
Голем број од луѓето несвесно се смеат кога се нервозни, вели нова студија која открила дека компјутерите подобро препознаваат лажна насмевка од луѓето. Сè уште не се знае според кои знаци го донесуваме нашиот заклучок кога пробуваме да погодиме колку е природна одредена насмевка или кој вид емоции таа во тој момент отсликува.
„Оваа студија покажала дека тајмингот има голема улога во начинот на кој луѓето ги интерпретираат експресиите на лицето,“ вели истражувачот Ешан Хок од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ). „Брзината на појавата на насмевката може да ни го открие нејзиното значење.“
На пример, можете да препознаете лажна насмевка доколку таа се појавува во неприродно време, прерано или предоцна. Исто така, насмевка која се формира многу споро на лицето на одредена личност може да се смета како знак за лажна насмевка.
„Погодувањето на тајмингот е клучно доколку сакате да ја сметаат вашата насмевка за искрена и природна,“ вели Хок.
Од испитаниците било побарано да ги глумат своите фацијални експресии за задоволство и нервоза. Камерите ги регистрирале нивните експресии и ги споредиле едни со други, како и со спонтани експресии на вистинска среќа и фрустрација, притоа барајќи начини меѓусебно да ги разликуваат. Кога било барано од испитаниците да глумат нервоза, тие никогаш не се смееле. Но, кога добиле задача која предизвикувала вистинска нервоза – како пополнување на многу детален онлајн документ кој откако ќе го завршеле „случајно“ се бришел, 90% од нив во тој момент се насмевнувале.
Иако на прв поглед „фрустрираните“ насмевки и „среќните“ насмевки на фотографиите наликувале едни на други, со детална анализа на снимениот видео материјал се забележала огромна разлика помеѓу нив. Насмевките кои биле предизвикувани од видео снимка на слатко бебе се развивале поспоро и траеле подолго, за разлика од нервозната насмевка која се појавувала набрзина и исто толку брзо исчезнувала.
На крајот од истражувањето, испитаниците имале задача да ги интерпретираат фацијалните експресии на нивните соучесници, при што биле во право само за околу 50% од фотографиите на кои имало искрени насмевки, а значително повеќе кога им биле покажани фотографии со лажни насмевки. За разлика од нив, компјутерот успевал да погоди со 90% точност.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.