Необични модни комбинации кои ќе ги обожавате оваа пролет
Ако сакате да се облекувате поразлично отколку обично, добрата вест е тоа што нема потреба да купувате сосема нова гардероба. Знаеме дека е почеток на новата сезона и дека е потребно да го освежите гардероберот, но тоа можете да го направите и на многу поедноставен и поевтин начин – доволно е само облеката која веќе ја имате да ја споите на еден поразличен начин и ќе добиете сосема нов изглед. Пуштете ја вашата фантазија и забавувајте се!
1. Фустан и панталони
Мислите дека нема потреба да носите пантолони доколку веќе носите фустан? Па да, имате право, но доколку сакате нова, оригинална комбинација, слободно направите ваков спој и ќе изгледате шик и модерно. Одлична комбинација ќе биде онаа која опфаќа широк фустан и тесни пантолони, но не мора нужно да се водите по ова правило.
2. Фустан како ноќница и тексас јакна
Овој модел на фустан кој личи како ноќница поради својот нежен материјал и украси од чипка е многу популарен во последно време и веруваме дека веќе сте набавиле и еден за себе. Иако овој фустан изгледа многу елегантно, вие направете оригинална комбинација и спојте ја со лежерно сако или тексас јакна. Ќе добиете поразличен, урбан изглед на кој сите ќе ви завидуваат.
3. Чорапи и сандали
Ова дефинитивно не е тренд во кој би се впуштила секоја девојка, но ако сакате да се истакнете и немате проблем со испробување на нешто што е поразлично и несекојдневно, тогаш можете уште денес да го направите овој интересен спој. Секако, не се вклучени баш сите видови чорапи и сандали, па водете сметка што со што ќе комбинирате. Сепак поентата не е да изгледате смешно, туку модерно!
4. Тесна блуза и тексас здолниште
Веруваме дека веќе ги имате овие две парчиња облека во својот гардеробер, па тогаш што уште чекате за да ги споите? Ова е крајно едноставна комбинација која изгледа доста добро, модерно и стилизирано. Најверојатно и самите сте забележале дека овој спој не е омилен само кај познатите дами, туку и кај модните блогерки ширум светот!
5. Краток топ и јакна
Штом дојдат топлите денови, покажете ја својата занесна фигура токму со оваа комбинација – под пролетната јакна или сако облечете краток топ, наместо тоа што обично избирате. Оваа комбинација најмногу ќе ви одговара за некои лежерни прилики или пак вечерни излегувања, а веруваме дека ќе започнете да ја обожавате уште при првото носење. Толку е тренди, но и заводлива, се согласувате?