Необични идеи за свадбена церемонија

Необични идеи за уникатна свадбена церемонија

Венчањето понекогаш знае да ја изгуби својата убавина и привлечност, а понекогаш се претвора и во формалност. Модерните парови на кои државната канцеларија им се чини досадна, а сакаат да заштедат време и пари, организираат сè на едно место. Токму затоа и решивме да ги споделиме овие идеи кои ќе ви помогнат да направите поинаква свадбена церемонија. Ќе ви откриеме како да ги обедините гостите, и како да бидат дел од вашиот најсреќен ден.

Церемонијата нека ја организира некој од вашите гости

Добар начин за вашата церемонија да биде интимна, е да замолите некој кој добро ве познава, да биде организатор. Прославите можат да ги организираат и вашите сакани, а не само професионалци. Традиционалните зборови за соединување на две срца, ќе звучат посебно доколку доаѓаат од некој ваш близок роднина или фамилијарен пријател. Церемонијата може да биде и смешна или сентиментална, доколку „водителот“ зборува искрено за некои моменти од вашиот живот.

Променете го традиционалниот прв танц

Влезете опкружени со пријателите и вашето семејство. Може да започнете со некој танц, или пак да организирате цел мјузикл со гостите, доколку сакате свеченоста да биде позабавна.

Нека вашите пријатели бидат дел од церемонијата

Доколку некои од вашите пријатели имаат талент, искористете ги за вашата церемонија. Можеби имате некој пријател кој знае да пее, да игра или пак е музичар или уметник. Повикувајќи ги блиските пријатели да бидат дел од церемонијата, не само што ќе заштедите пари, тие ќе придонесат вашето венчање да биде емотивно и уникатно. Се разбира, оваа идеја ќе биде успешна доколку вашиот пријател е вистински талентиран. Во спротивно ризикувате да ја претворите свадбената церемонија во шоу за таленти.

Направете свој ритуал

Не мора да се придржувате до традиционалните свечености. Направете си свој ритуал. Венчајте се во природа, разменете писма, поставете шведска маса…

Изберете локација која вам ви е важна

Во потрга по локација, потрудете се да ги избегнете популарните места. Самата церемонија може да се одржи во вашиот омилен бар, на некое место во градот каде што за прв пат сте се сретнале… Не исклучувајте ги и најнеобичните места: библиотека, кино, мал трговски центар – секое место може да се прилагоди доколку добиете согласност од сопствениците. Во поканите, објаснете им на вашите гости колку ви е важна одбраната локација. Во секој случај, таквата церемонија ќе биде посебна и уникатна.

Автор: Ана Патриклиева


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар