Неколку совети за идните студенти: Започнете мудро за да ве следи академски успех!
Автор: Магдалена Арнаудова
Студентските денови се едни од највозбудливите, а воедно и најнезаборавните денови во нашиот живот. Со започнувањето на студентскиот живот, всушност влегуваме во една етапа во која стекнуваме нови пријателства, нови искуства, а донесуваме и некои одлуки коишто ни влијаат на понатамошниот живот. Сепак, она што доаѓа е ново и непознато, па затоа е потребно да бидеме спремни за да знаеме што да очекуваме.
Овде следуваат неколку совети коишто ќе им помогнат на идните студенти во нивното соочување со студентските денови.
1. Бидете редовни на предавањата
Доколку сакате да успеете во она за што сте се определиле, не е препорачливо да отсуствувате од наставата. Всушност, со пропуштањето на предавањата, вие ги пропуштате и дискусиите со вашите колеги, забелешките посочени од професорите, објаснувањето на задачите и сл. Правењето копии на тетратките од вашите колеги не може да го надополни вашето отсуство. Секако дека не можете да го надоместите предавањето и да го добиете знаењето од нечија друга тетратка.
2. Бидете организирани
Користете агенда или планер: носете ја вашата тетратка на секое предавање и запишувајте ги важните работи. Она на што треба да се навикнете е брзото пишување, односно, во повеќето случаи важи правилото: забележете го она што е важно со ваши скратеници за да успеете повеќе да запишете.
3. Добро организирајте го вашето време
Управувањето со своето време е важно за сите студенти, а особено за оние коишто покрај студирањето имаат и други обврски (работа, спорт и сл). Пред сѐ, најважно е да не се преокупирате со премногу обврски коишто е невозможно да ги извршите во дадениот рок. Исто така важно е да планирате однапред. Размислувањето за тоа како може обврските да се завршат најефикасно, на пример за три дена однапред, се смета за добар начин за организирање на вашето време којшто дава позитивни резултати.
4. Бидете ефикасни на предавањата
Еден од начините успешно да се вклучите во наставата е да научите да се прилагодувате на различните професори. Еден професор може да поттикнува отворени дискусии и да настојува кон размена на идеи, додека пак друг може да очекува студентите едноставно да слушаат на предавањата и да ги забележуваат важните работи. Важен дел од вашето образование е да научите како да се прилагодите на различните личности, различните стилови и очекувања.
Уште еден метод којшто може да биде корисен при вашето студирање е да бидете подготвени пред предавањето. Ова подразбира запознавање со задачите и материјалот пред започнување на часот. На овој начин ќе ви биде полесно да ги следите предавањата и презентациите, а со тоа и активно да се вклучувате во дискусиите, при што ќе совладате поголем дел од материјалот и значително ќе си ги намалите домашните обврски.
Комуницирањето со вашите професори е уште еден начин на којшто можете да го подобрите вашето студирање. Разговарајте со вашите професори, секако, вие сте тие коишто треба да го иницираат контактот, а повеќето професори ќе бидат среќни согледувајќи ја вашата заинтересираност. Од вас се очекува и да ја почитувате приватноста на вашите професори и да ги барате само за време на работните часови.
5. Правете добри белешки
Тестовите на факултет обично го покриваат материјалот којшто професорот го изнесува на предавањата. Затоа, од особена важност е да се забележуваат деловите на којшто тој обрнува внимание. Со цел да направите добри белешки, потребно е да бидете активен слушател, при што истовремено треба да размислувате и да се обидувате да ги разберете информациите коишто ви се претставени, како и да останете фокусирани на предавањето.
6. Научете КАКО да го читате материјалот
Кога знаете на кој начин треба да го изучувате материјалот, тогаш вие сте во можност побрзо да разберете и да го запаметете она што сте го прочитале. Авторите на учебниците веќе ви ја олеснуваат работата со здебелувањето на буквите на она што е важно, додаваат табели, слики, графикони и прашања, сѐ со цел на појасен начин да ви биде прикажана обработената тема. Со следењето на овие три начини за студирање на вашата книга, вие ќе бидете во можност да запаметите побрзо:
Скенирајте
Скенирањето подразбира брз преглед на материјалите коишто ќе ги учите. Прочитајте го насловот, преводите, закосените и здебелените букви, прегледајте ги сликите, графиконите и табелите и прочитајте го резимето. Скенирањето ви обезбедува голем број информации во многу краток временски период, при што вие сте во можност да се здобиете со еден вид „информациона рамка“.
Читајте
Откако сте направиле површен преглед на прикажаните информации, следува внимателното читање. Задржете го вниманието на она што го читате, при што на крајот од секој дел запрашајте се што е важно и што треба да се разбере од прочитаното.
Повторувајте
Повеќето студенти откако ќе го прочитаат материјалот мислат дека завршиле и ја затвораат книгата. Користењето неколку минути плус за проверка на прочитаното, сепак прави голема разлика, зашто на овој начин би ги заклучиле важните информации во вашиот мозок, пред тие да испарат. И покрај тоа што на почетокот ова ќе ви изгледа како дополнително изгубено време, сепак, пред испитот вие ќе сфатите дека процесот на ревизија успеал да ви донесе повеќе академски успех.
7. Учете паметно
Иако најдобро е да се има едно место каде што ќе учите редовно, тоа сепак не е правило, сѐ додека областа каде што учите е добро осветлена и има удобна површина за пишување. Пред да почнете да учите, дознајте како да го избегнете она што може да ја прекине вашата концентрација (на пример гласна музика, телефонски повици, ТВ и сл.). На некои студенти им треба тишина додека учат, додека пак други може да учат со музика. Ако сакате да слушате музика додека учите, најдобро е да слушате класична музика. Истражувањата покажале дека класичната музика може да ја подобри вашата концентрација.
Најтешкиот дел од студирањето е да започнете. Не го оставајте учењето за подоцна, не измислувајте изговори и не чекајте да го добиете соодветното расположение. Започнете со предметот којшто најмногу ви се допаѓа – важно е да започнете. Среќно!