Неколку едноставни начини да ја разгорите љубовта во врска која западнала во криза
Доколку чувствувате дека вашиот партнер полека се оддалечува од вас, а не сте подготвени за сериозен разговор околу темата, тогаш постојат неколку начини на кои индиректно можете да влијаете врз вашиот однос. Доколку сакате да ја разгорите љубовта и повторно да се почувствувате како да сте на почетокот на врската, освојте го вашиот партнер одново со помош на наредниве неколку трикови.
Љубовно писмо
Отворете го вашето срце и напишете на лист хартија како се чувствувате кога сте покрај вашиот партнер. Бидете искрени за вашите емоции кон него/неа и набројте ги сите карактеристики кои ги обожавате кај нив. Доколку сте расположени за мала креативност, декорирајте го пликот во кој ќе го спакувате. Потоа ова писмо оставете го на видно место, каде што вашиот партнер лесно ќе го забележи. Докажано е дека запишувањето позитивни емоции носи поголемо задоволство во врската и дека ефектите се веднаш видливи.
Неочекувани нежности
Прегрнете го/ја кога тој/таа најмалку очекува, на пример, додека се возите во лифт или пак, додека се движите на паркинг по вашиот автомобил. Доволна е само една прегратка од 20-тина секунди да го намали вашиот крвен притисок, да го забави пулсот и да го поттикне лачењето окситоцин, хормонот на среќата. Од друга страна пак, доколку ситуацијата не е соодветна за прегратка, како вечера во ресторан или друг настан, доволно е само да го/ја допрете за рака. Повторно, ефектите од овие гестови се веднаш забележливи.
Позитивен став
Ветете си на себе дека барем во наредниве неколку месеци нема да бидете толку негативно настроени, песимистични или пак, вечно подготвени за пригивори и дека ќе се трудите поголемиот дел од времето да бидете многу попозитивни, пооптимистични и понасмеани. Сигурно веќе знаете дека енергијата која ја ширите околу вас е и онаа која ја привлекувате кон себе, па токму затоа обидете се да зрачите со позитивна енергија во близина на вашиот партнер со цел да може и тој/таа да ја почувствува.
Рачно изработен подарок
Во овие ситуации единственото нешто што е важно е вашата намера. Не мора да бидете талентирани сликари или скулптори за да создадете нешто совршено, доволно е да се потрудите и да го направите тоа со многу љубов. Вашиот партнер ќе го цени и тоа мало оригами кое би требало да биде лебед, но наликува на мало дебело прасе. Којзнае, можеби токму оваа смешна приказна ќе ја прераскажувате со години понатаму во вашата заедничка иднина.
Искреност
Искреноста и разговорот помогнале да се спасат многу врски од сигурен крај. Токму затоа почнете да разговарате со вашиот партнер поискрено и поотворено. Започнете од најмалите нешта и движете се полека кон поголемите. Со тек на време ќе се навикнете на овие разговори и нема да ги перципирате како нешто страшно и сериозно, па токму затоа ќе можете лесно да разговарате дури и ако станува збор за потешки теми кои претходно сте се плашеле да ги започнете.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.