Неколку доволно силни причини да си побарате друга работа
Се сметате себеси за одговорен и работлив човек, но едноставно не уживате во работата која ја имате. Во ваков случај платата и повремената искра надеж е она што ве одржува и понатаму да останете и да го печалите лебот на тоа работно место. Но, сепак проблемите секогаш испливуваат на површина и кога тогаш, ќе морате да пресечете и да кажете дека е доста. Секогаш треба да го гледате најдоброто за вас и вашите интереси да бидат пред сè друго. Ова се неколку, доволно силни причини да почнете да барате ново работно место, макар и за помала плата, но за поголемо задоволство и поголемо уживање.
Комуницирате со колегите само за да се пожалите од работата
Порано кога бевте свежи и ентузијастички настроени, со сигурност сте се труделе подобро да се запознаете и да се дружите со колегите. Кога уживате во работата, уживате и во социјализацијата со колегите. Сега, сè поретко разговарате, а кога тоа се случува најчесто го озборувате шефот и директорот, се жалите за работните проблеми, работните услови и слично.
Колегите напредуваат пред вас
Погледнете ги колегите кои се понапредни од вас. Дали тие се вклучија во организацијата после вас? Доколку е така, тогаш можеби е време да го промените работното место бидејќи или не давате сè од себе или повисоките раководни лица не ве ценат вас и вашиот труд.
Не можете да се сетите кога последен пат сте научиле нешто ново
Без постојан предизвик не можеме да очекуваме дека ќе бидеме ентузијасти и свежи постојано и дека ќе бидеме возбудени за работата. Без разлика во кое поле работите и на кое ниво сте, доколку не учите нови работи, тогаш е време да продолжите по друга патека.
Не можете да се сетите кога последен пат некој ве пофалил дека одлично си ја завршувате работата
Добро завршената работа и позитивниот фидбек од сработеното одат рака под рака. Доколку не го добивате позитивниот фидбек, не мора да значи дека не си ја вршите работата како што треба. Можеби некој друг не знае доволно добро да си ги мотивира вработените, па лошиот менаџмент може да ви ја убие вашата желба за работење.
Заспивате на работните состаноци
Работните состаноци знаат да бидат досадни и да бидеме реални, сите после некое време се исклучуваат. Но, почнете да забележувате колку често ви се случува ова. Доколку увидите дека често ви се случува и дека не ви е интересно, а наместо тоа почнувате да размислувате што ќе јадете после или што филм ќе гледате вечер, тогаш почнете да праќате мотивациско писмо и портфолио во други фирми, бидејќи веќе не ви е предизвик да работите на тоа работно место.
Односот со работодавецот ви е ужасен
Доколку односот со вашиот работодавец ви е толку лош, што нема начин како да се врати во нормала, тоа е силна причина да си заминете и да барате нова работа. Голем број работодавци не знаат да признаат грешка и секогаш вината ја бараат во вас, па некогаш едноставно не вреди да трпите стрес и постојано да сте нервозни поради неговиот карактер.
Мисијата на организацијата е спротивна од вашите етички принципи
Без разлика дали работите во бизнис во кој работодавецот ве тера да лажете за квалитетот на продуктот или работите во организација која ги гази вашите претходно утврдени ставови, не вреди вие да си одите спротивно од вашите принципи за да му го полните некому џебот. Точно е дека во денешно време тешко се наоѓа работа и дека понекогаш треба да се подголтне и да се прифати тоа што ни е понудено, но не по секоја цена.
Преголем стрес
Најчесто стресот е правопорционален со тежината на работата и односот на работодавачот кон вас. Неретко сите посветени работници стресот си го носат и дома, а тоа им се одразува на односот со семејството и пријателите. Доколку сметате дека работата е повредна од тоа, продолжете да работите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.