Неколку чекори до правилно држење на телото
Неверојатно е како само со подобрување на држењето на телото може да се стигне до толку многу бенефити. Правилното држење ја намалува болката во вратот, грбот и рамената, навидум ја зголемува висината, дава самоуверен изглед, ја зголемува концентрацијата, па дури може и да ја подобри работата на внатрешните органи. За жал, денешниот начин на живот бара најголемиот дел од времето да го поминуваме седејќи, со што доброто држење на телото е отежнато, но ако следните неколку совети ви станат дел од секојдневната рутина, тоа ќе се промени кон подобро.
Станете свесни за вашето сегашно држење
Прв чекор кон решавање на овој проблем е прифаќањето на фактот дека лошо го држите телото. Многумина мислат дека имаат правилно држење ако го истакнат градниот кош напред и ја исправат главата, но тоа е погрешно. Телото се држи правилно кога ’рбетот е исправен, односно кога е благо накривен од вратот кон рамената и од рамената кон половината. Ако го држите телото како робот пак ќе се појават болки.
Стојте исправено
Застанете пред огледало и потрудете се да ги доведете ушите, рамената и колковите во права линија. Кога ќе го направите тоа, тогаш сте успеале да постигнете правилно држење на телото, но тука не е крајот. Следниот предизвик е да одолеете на потребата да ја навалите главата напред, по која ќе се навалат и рамената и претходниот труд ќе биде залуден.
Седете исправено
Ако денот го минувате во седечка положба важно е да седите на стол кој му одговара на вашиот ’рбет, а тоа обично се оние кои се малку искривени кај долниот дел од грбот и половината. Ако немате таков, мало перниче на тоа место многу ќе помогне. Вашето биро треба да биде високо колку и вашите лакти, држете ги рамената исправени во линија со колковите и немојте премногу да ја навалувате главата напред. Ако, пак, морате да ја навалите главата за да прочитате нешто на компјутерот, најдобро би било да го повлечете мониторот кон вас.
Спијте правилно
Држењето на телото ќе го подобрите ако спиете на грб или на страна, а не се препорачува спиење на стомак. Кога спиете на страна поставете перниче помеѓу колената, а кога спиете на грб ставете го под нив. Тоа не е задолжително за да ја постигнете саканата цел, но несомнено ќе помогне.
Вежбајте
Одржувањето на телото во добра кондиција ќе се забележи преку начинот на неговото држење. Без разлика дали трчате, вежбате јога или боречки вештини, ќе почувствувате дека нешто почнало да се менува. Ако, пак, не практикувате ниту еден спорт, посветете дел од денот барем на истегнување на мускулите на телото, меѓу кои и на оние кои се од важност за оваа цел.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.