Некој, некаде
Заглавена во некакво чудно меланхолично расположение, доцна во ноќта обично одбирам да му дадам смисла на животот, колку и да звучи како клише. Како ноќна птица, знам да сум најактивна ноќе и мозокот да ми работи како машина, но штом ќе се раздени новиот ден, одбирам да останам што подолго во топлата прегратка на мојот најверен љубовник, г. Кревет. Кој, впрочем, би требало да носи покреативно име, ама веќе се стори.
Со црно јако кафе кое струи низ вените како наркотично средство и ми ги отвара очите, јас пак ќе се обидам да ја направам ноќта продуктивна. Ја сакам мојата таванска соба. Секому му треба безбедно прибежиште, а тука е моето. Ноќе имам навика да излегувам на терасата и да замислувам дека го имам градот на дланка, градот кој мирно спие додека се крои судбината за новиот ден. Одвреме-навреме тишината ќе ја наруши брмчењето на некој автомобил во далечината. Можеби двајца љубовници кои се враќаат дома или можеби за нив ноќта допрва почнува.А ноќта, рекле старите, е трудна. Може сè да роди.
Во таа доба обично размислувам за годишните времиња. За тоа како се менуваат, како се вртат страните на календарите обележувајќи колку време минало. Само што никој не знае точно да ни каже уште колку ни останува. Сакам да размислувам и за звуците. Оние произведени од ветерот, од птиците, од гранките или лисјата на дрвјата кои како непрекинато да си зборуваат меѓу себе откривајќи си најскриени тајни, неразбирливи за човековото уво. Некогаш мислам и за судбината. Мислам дали навистина сè се случува со причина или ние луѓето сакаме да си ги лажеме умовите поврзувајќи си ги работите за животот да ни биде поинтересен. Размислувам и за заштитата и сигурноста. За тоа колку некогаш ми е потребна и во чии очи секогаш ја гледам, а чии очи ја очекуваат од мене. Сакам да мислам и за боите. За финесата на палети со шаренила која сум благословена да ја гледам секој ден, и благодарна сум што е така. За боите создадени од човекот, а и за оние возвишени бои на природата.
Размислувам за тоа дека сакам да го дофатам небото. Кога ќе посегнам со раката ми се чини доволно блиску за да фатам некоја ѕвезда. Само една. Ќе си ја чувам во тегла. А ги има толку многу, зарем некој ќе забележи дека недостига?
Размислувам за некој некаде. За нешто што се случува илјадници километри од тука. За некој кој патува и искусува нешто ново, за љубов која се раѓа токму сега, за голема идеја која се спроведува во акција, за брилијантното раѓање на нов живот. Од почеток, без грешки, без гревови, без тешки мисли. Искусување на нешто сосем ново и невино.
А не дека јас сум крива. Тоа е мојот ум кој одбива да спие и сака да си везе зборчиња.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
одличен текст Ели, големо браво 🙂
прекрасни мисли
Стварно убав и искрен текст… ми се свиѓаат твоите гледишта на работите. Браво и продолжи така!
I love itt