Негативните луѓе никогаш нема да ви донесат позитивен живот: Ослободете се од нивното влијание!
Никои луѓе сами создаваат невреме, а потоа се лутат кога ќе започне да врне. Дали постојат во вашето опкружување луѓе кои постојано ве критикуваат, ви говорат дека сте неспособни за одредени работи, ве менуваат и прават да се чувствувате лошо? Таквите луѓе, познатиот зен блогер, Лео Бабаута ги нарекува „токсични“ и советува дека за нив треба да подготвите неколку стратегии. Посебна инспирација за Лео било едно прашање од негов читател кој го прашал што да прави ако токсичните луѓе се дел од неговото семејство. Како да ги исклучите таквите луѓе од вашиот живот? И што да прават оние на кои им недостига храброст за да се издигнат над нив… Еве што советува Лео.
1. Применете сочувство за самите себе секогаш кога ќе се почувствувате лошо
Ова секогаш треба да биде првиот чекор и не само поради вас, туку и поради целата ситуација, бидејќи и на неа влијае вашата лоша состојба. Следниот пат, кога ќе се почувствувате лошо поради нешто што некој друг го направил, загледајте се во себе и прифатете ги вашите емоции наместо да ги одрекувате. Останете со тие мисли една минута, а потоа обидете се да создадете чувство на љубов во себе. Посакајте си да бидете среќни и да им ставите точка на проблемите. Посакајте си на себе радост и мир во животот. Ова нема како магично стапче да ја отстрани болката, но е добар почеток.
2. Разговарајте со други луѓе
„Забележав дека често не сакаме да им признаеме на другите луѓе дека се чувствуваме лошо и повредено“, вели Лео „Меѓутоа, секој пат се чувствував многу подобро откако ќе разговарав со некого за тоа.“ Направете уште еден чекор и разговарајте со луѓето. Споделете ги вашите чувства, замолете ги вашите пријатели да ве сослушаат и да ви дадат корисен совет. Советот не е толку важен колку емоционалната конекција и спремноста на вашиот пријател да ве сослуша.
3. Вежбајте длабоко сочувство
Обидете се да го практикувате истиот метод на сочувство, но за личностите кои ве фрустрираaт. Во вашето срце, посакајте им среќа. Помислете дека можеби тие минуваат низ одредени потешкотии, и дека тоа е причината поради која се однесуваат на тој начин. Посакајте им крај на нивната тага. Посакајте им радост и полесен живот.
4. Разговарајте со токсичните луѓе
Еднаш кога во себе ќе го разбудите сочувството за другите луѓе, разговарајте со нив. Да, можеби тие не се однесуваат на истиот начин кон вас, што не значи дека вие не треба да бидете подобра личност од нив. Можеби ќе сфатите дека тие тагуваат и на некој начин тоа е причината поради која така се однесуваат. Обидете се да се поврзете со нив, да им објасните дека минувате низ тежок период и дека многу би ви значела нивната поддршка. Ова нема секогаш да биде добар начин, но ако го направите во духот на поврзаноста, другата страна можеби ќе биде отворена за дискусија.
5. Однесувајте се на оној начин како што сакате другите да се однесуваат кон вас
„Често им се лутам на луѓето кога ќе ми се налутат, а потоа се ‘фаќам’ дека се однесувам како нив – а се однесувам лошо, бидејќи тие се однесуваат лошо! Дури и кога знам дека вината е нивна, тоа мое однесување само ја влошува ситуацијата. И затоа се обидувам да покажам како треба да се изборите со фрустрацијата, се обидувам да покажам сочувство, се обидувам да покажам дека треба да го применуваме позитивниот однос кон секого. Тоа ќе донесе позитивни резултати, дури и да не го постигнете тоа во тој момент“ – советува Бабаута.
6. Пронајдете позитивни пријатели
Ако ништо од погорните точки не ви помогне, тогаш пронајдете луѓе со кои ќе имате исти интереси и погледи кон животот. Пронајдете луѓе кои се креативни, полни со самодоверба, позитивни, здрави, среќни. Пронајдете ги во спортски клуб, во волонтерска организација, на интернет и во кое било позитивно опкружување. Почестете некого со кафе или чај, и започнете го вашето пријателство.
7. Отстранете ги токсичните луѓе
„Тоа е тешко“ – признава Лео, „но, кога членовите на семејството не ме поддржуваат, кога константно ме критикуваат и се лутат на мене, едноставно ќе престанам да ги гледам. Ќе се занимавам со мојата работа и ќе се гледам со останатите пријатели.“ Во тоа ќе успеете потешко ако тие живеат со вас, но во тој случај може да излезете надвор да трчате, пешачите или да медитирате во природа. Не дозволувајте да мислите цел ден на луѓето кои лошо влијаат на вас. Насочете го умот на некои помирни, креативни и позитивни места.