Не заборавајте ја вашата вредност: 8 начини подобро да се грижите за себеси
Луѓето често забораваат дека да се биде позитивен не значи да се биде добар само кон другите и да се остане оптимист и покрај сите животни предизвици, туку да се негува една позитивна слика за самите себеси и вистински да се верува дека сте заслужиле големи работи. Еден од најдобрите начини да ја зголемите својата самодоверба е да практикувате да се грижите за себе и често малите работи, на кои инаку не би им обрнале внимание, играат клучна улога во таа грижа.
1. Бидете благодарни за своето тело
Лесно е да се фокусирате на сите аспекти од својот изглед кои сакате да ги промените или за кои сметате дека не се доволно атрактивни, но обидете се да го пренасочите фокусот на оние работи кои ви се допаѓаат. Направете една ментална листа на атрибутите за кои добивате комплименти, без разлика дали тие се однесуваат на физичката естетика или на функционалноста.
2. Прифатете дека е во ред да кажете „не“
Законот за привлечноста е ефикасен алат кој бара отвореност за нови можности кои би можеле да ве направат среќни, но не би требало да правите ништо што би можело да ја намали вашата добрина. Доколку имате премногу обврски поради кои на крајот се чувствувате исцрпени, време е да се одлучите кои се вашите приоритети.
3. Одморете се
Доколку чувствувате голема страст кон својата работа, можеби нема да ви се допадне идејата да заминете на одмор. Меѓутоа, ако не се одморите од работата и не се грижите за себе, тоа може да делува сосема спротивно на вашата функционалност на работното место. Подгответе се и појдете на излет надвор од градот, независно дали станува збор за двонеделен одмор во друга земја или викенд во поблиската околина.
4. Одвојте време за своите страсти
Поради забрзаното темпо на животот можете да се чувствувате како да немате време да застанете и дека морате да ги ставите своите страсти настрана. Меѓутоа, ако сакате да бидете среќни, апсолутно мора да оставите време за своето омилено хоби и своите интереси.
5. Водете дневник
Доколку не одвојувате време да размислувате за тоа како се чувствувате и што правите секој ден, тогаш ризикувате да изгубите допир со она што навистина го сакате од животот. Не мора лирски да ги испишувате страниците, доволно е само да направите еден мал преглед на она што се случило во денот и како се чувствувате за тоа. Вака многу подобро ќе ги разберете своите потреби.
6. Адаптирајте се на својата околина
Начинот на практикување грижа за себе се менува и се развива со годишните времиња. На пример, ако ви е ладно и се чувствувате напнато во зимските месеци, тогаш земете една добра книга или пуштете некој добар филм и седнете покрај огништето. Во топлите месеци уживајте во природата или изладете се со здрави ладни пијалаци.
7. Прилагодете го својот фокус на сегашноста
Некои луѓе практикуваат медитација или вежби и техники кои ја зголемуваат нивната свесност во животот. Меѓутоа, иако медитативните активности се најнапредни, не се единствените кои можат да ви помогнат во прилагодувањето со сегашноста. Поминувајте го своето слободно време слушајќи музика, правете го вашето омилено хоби и исполнувајте ги малите желби кои ќе ви помогнат да се чувствувате целосно складни со своето тело.
8. Смејте се
Конечно, не потценувајте ја моќта и лековитоста на смеењето. Смеењето го поттикнува производството на ендорфини кои го подобруваат вашето расположение и ви помагаат да се релаксирате. Клучниот дел во грижата за себе е намерно да ги побарате работите кои ве забавуваат: Забавни пријатели, смешни работи, стари анегдоти и случки кои ве смеат до солзи секој пат кога ќе се сетите на нив.