Не судете пребрзо: 7 работи кои треба да престанете да си ги кажувате за другите луѓе

Не судете пребрзо: 7 работи кои треба да престанете да си ги кажувате за другите луѓе

Сите ние имаме навика пребрзо да ги осудуваме луѓето и да бидеме премногу субјективни. Без размислување за нив формираме слика во нашата глава и не ги согледуваме подетално работите. Но, реалноста е дека ние никогаш не знаеме што се крие во некој и која е неговата животна приказна. Понекогаш зад најголемата насмевка може да се крие најголемата тага. Најчесто нашата слика за другите е далеку од вистината. Затоа, треба да научиме да не судиме пребргу. Погледнете ги овие седум работи кои треба да ги отфрлите од вашата глава и да престанете да си ги кажувате за другите – тоа ќе биде за сечие добро.

Не судете пребрзо: 7 работи кои треба да престанете да си ги кажувате за другите луѓе

1. Престанете да си кажувате дека најсреќните луѓе се оние кои најмногу се смеат. Зад широката насмевка која ви ја подаруваат другите, честопати се кријат повредени и осамени личности. Погледнете подлабоко, зборувајте со нив, ислушајте ги и покажете почит и разбирање. Не можете секогаш да ја видите нивната болка, но можете да ја покажете вашата љубезност.

2. Престанете да си кажувате дека оние кои ги сакате, или би требало да ги сакате, треба да бидат совршени. Никој не е совршен. Понекогаш најтрпеливите луѓе го губат трпението, оние со најмногу самодоверба на моменти ја губат, дарежливите луѓе се однесуваат себично. Тоа се случува и кај секој од нас, зашто сите правиме грешки. Затоа, не судете ги луѓето според овие мали недостатоци.

3. Престанете да си кажувате дека оние кои ги прават работите поразлично, ги прават истите погрешно. Секој човек го исполнуваат различни работи. Секој на поинаков начин ги доживува радоста и успехот. Само затоа што некој не е на ист пат со вашиот, не значи дека тој е изгубен.

4. Престанете да си кажувате дека оние со кои не се согласувате или не ви се допаѓаат, не ја заслужуваат вашата љубезност. Токму спротивното е точно. Начинот на кој се однесувате со луѓето со кои не се согласувате ќе ви помогне да сфатите што сте научиле за љубовта, сочувството и трпението.

5. Престанете да си кажувате дека не можете да им верувате на луѓето кои не ги знаете. Некои луѓе градат премногу ѕидови во својот живот, а недоволно мостови. Не бидете едни од нив. Бидете поотворени и дајте им шанса на луѓето. Со тек на време ќе сфатите како стојат работите.

6. Престанете да си кажувате дека неучтивите луѓе секогаш ве напаѓаат само вас. Не треба сите работи да ги сфаќате толку лично, иако понекогаш ви изгледа така. Тоа што го прават луѓето, го прават поради себе, не поради вас. Начинот на кој другите се однесуваат кон вас е нивен проблем, ваше е како ќе реагирате.

7. Престанете да си кажувате дека другите луѓе се виновни за вашите несреќа, неуспех… Можеби не можете да ги контролирате работите кои другите ги кажуваат за вас или пак она што ви го прават, но можете да одлучите тие да не ви влијаат. Изберете дали сакате да простите или да заборавите, дали сакате да останете или да заминете. Направете го оној избор кој сметате дека ќе ви помогне да станете подобра личност, зашто секогаш постои позитивен избор. Така, единствениот вистински и долготраен конфликт кој некогаш ќе го имате во животот нема да биде со другите, туку со самите себе, начинот на кој ќе одлучите да одговарате на другите и дневните навики кои ќе одберете да ги следите.

Не судете пребрзо: 7 работи кои треба да престанете да си ги кажувате за другите луѓе

Соочување со луѓето кои длабоко ве навредиле

Понекогаш некои навики на другите луѓе знаат длабоко да ве повредат. Доколку им дозволите да допрат до вас, тие ќе го прават тоа постојано. Па, што треба да правите во вакви моменти? Не постои единствено решение, но еве неколку стратегии кои можете да ги искористите:

  • Бидете поголема личност, мислете подлабоко. Замислете двегодишно дете кое во истиот момент не го добива тоа што го сака, па веднаш станува разлутен и нервозен. Овој мал, моментален проблем, е огромен во неговиот ум, бидејќи нема целосна перспектива за случувањата. Но, како возрасни, вие знаете дека има голем број други работи кои ова двегодишно дете може да ги направи за да биде среќно. Секако, тоа е лесно да го кажете вие, зашто имате поголема перспектива. Но, кога некој ќе ве навреди, одеднаш повторно имате помала перспектива, па и малата навреда ви изгледа голема, при што ве разлутува. Меѓутоа, ако размислувате подлабоко ќе согледате дека оваа мала работа и нема некое големо влијание, па ќе сфатите дека не е достојна за вашата енергија.
  • Ментално прегрнете ги и посакајте им убав ден. Овој мал трик може позитивно да го смени начинот на кој ги гледате луѓето кои ве навредиле. На пример, замислете дека некој рекол нешто што е непријатно за вас. Тогаш сигурно ќе бидете нервозни и ќе сакате да им викате, но, со жестока реакција не би постигнале ништо. Кој знае, можеби пак тие реагираат така затоа што се повредени од нешто. Затоа, обидете се да покажете емпатија и потрудете се да се убедите себеси дека тие се управувани од некој вид внатрешна болка. Така, ќе им дадете ментална прегратка и ќе сочувствувате со нив. Сите понекогаш реагираме на бурен начин, па потребно ни е разбирање.

Испробајте некоја од овие стратегии наредниот пат кога некој ќе ве навреди. Потоа насмевнете се и потсетете се дека не постои причина туѓото однесување да ве претвори во нешто што не сте.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар