Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

„Некогаш си мислев дека сум најчудната личност на светот, но потоа помислив дека има толку многу луѓе во светот, па мора да има некој како мене, некој кој се чувствува бизарно и полн со мани баш како и јас. Кога ја замислувам, си мислам дека и таа мора да мисли на мене. Па, се надевам дека ако го читате ова, ќе знаете дека е вистина, јас сум тука и јас сум исто толку чудна како и вие.“ – Фрида Кало

Секој во животот искусува критицизам. Некому нема да му се допаѓа она што го правите, некој нема да го вреднува вашиот труд, некој едноставно ќе биде љубоморен што тој самиот не го прави тоа. За жал луѓето најчесто користат навредлив речник кога сакаат да искритикуваат некого поради она што го прави, мисли, или начинот на кој живее. Без разлика колку сте психички силни или слаби, не може да не допре до вас. Ова го искусуваат сите уметници, кариеристи, писатели, оние кои ги следат своите соништа, просто секој човек.

Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

Да, неретко ќе искусите груби критики на ваша сметка, ќе се обидувате секому да му се допаднете, но никогаш нема да успеете во тоа, па еве зошто не треба да се преокупирате со тоа што другите мислат или велат за вас.

1. Љубовта кон себеси треба да ви биде приоритет број 1

Вие управувате со себеси и со начинот на кој го гледате светот. Од вас зависи дали ќе бидете среќни или не, од вас зависи кој пат во животот ќе го изберете, дали ќе се фокусирате на среќните моменти, убавите нешта, пофалбите, успесите, или на негативните мисли кои ве влечат кон долу. Доколку константно се преоптоварувате со тоа што другите мислат или велат за вас, вие заборавате да се грижите за себе и за она што вие го сакате, запоставувајќи ја вашата среќа, мир и благосостојба.

Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

2. Сè зависи од тоа како вие гледате на нештата

Ако постојано ги слушате негативните гласови кои ве критикуваат, им придавате премногу значење кое не го заслужуваат. Сè зависи од тоа како вие гледате на работите. Затоа заборавете на критиките и злобните усти, и верувајте дека може да бидете сè што ќе посакате, дека може да успеете, дека припаѓате тука, на светов сте со причина, сакате сè што е ваше и не мразите ништо што е туѓо, потсетете се колку вложувате, колку работите и заслужувате да уживате во она што го имате. Доколку ви треба инспирација, погледнете како малата Џесика си одржува мотивирачки говор кој ќе ве научи да се сакате себеси.

3. Важни се само оние кои ве прифаќаат такви какви што сте

Да, некои можеби мислат дека сте глупави, дека постојано правите грешки, дека не го живеете животот како што треба, но кој ги слуша нив? Постојат личности кои неизмерно ве сакаат токму такви какви што сте, кои не би смениле ништо на вас, и наместо да ги запоставувате нив со цел да им угодите и да им се допаднете на оние кои сакаат да ве променат, направете го обратното. Овој свет може да биде суров, љубовта секому му е потребна, затоа не заборавајте да им ја возвратите на оние кои неизмерно ви ја даваат.

Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

4. Не мора да бидете ограничени

Сите сме различни и светот е полн со разлики, несовршености, грешки. Дали се сакате себеси со сите несовршености? Дали заспивате со мирна совест? Дали сте научиле од вчерашната грешка и подготвени сте да не ја повторите? Тоа е она што е важно. Општеството секогаш ќе поставува стандарди на однесување, облекување, размислување. Никогаш не плашете се да излезете од тие граници, бидејќи токму таму се случува целата магија.

5. Неизбежно е некому да не му се допаѓате

Секогаш ќе има некој кому нема да му се допаѓате. Дури и таа личност која ја сметате за свој идол и навидум е без маани, има „хејтери“. Имате избор: ќе им посветите внимание на оние кои не го одобруваат вашиот начин на живот и ќе го минете животот обидувајќи се да ги разубедите, да им докажете, да направите да им се допаднете, или ќе продолжите да живеете на свој, уникатен и единствен начин, и без оглед на тоа што другите мислат, ќе бидете најдобрата верзија од себеси.

Не секому ќе му се допаѓате, и еве зошто тоа е во ред

6. Секој прво мисли на себе

Луѓето ќе кажат сенешто за другите, но на крајот на денот секогаш се фокусираат на себе, тоа е факт. Затоа, без разлика што другите ќе кажат, не земајте си го при срце, луѓето се себични и верувајте, не мислат на вас.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар