Не морате секогаш да бидете силни: Време е за ослободување, за пауза, за здив

Не морате секогаш да бидете силни: Време е за ослободување, за пауза, за здив

Мислите дека во секое време треба да изгледате добро? Не сакате да ги загрижувате најблиските? Не сакате да ве сожалуваат? Затоа одлучивте да ги затворите вашите грижи во едно шише и да го фрлите во океан, некаде далеку од вас? Но, проблемот е во тоа што шишето еден ден ќе ви се врати, носено од силината на брановите. Сите грижи, сета тага, сите затворени чувства еден ден ќе стигнат повторно до вашиот брег, пловејќи низ немирниот океан.

(1) Не морате секогаш да бидете силни: Време е за ослободување, за пауза, за здив

Но, не мора секогаш да сте силни

Не мора секогаш да се трудите да бидете и да изгледате силни. Вие сте човек. Во ред е да бидете тажни, во ред е понекогаш да се чувствувате безвредно, во ред е да немате сè што посакувате, сосема е во ред понекогаш да се чувствувате скршено. Дозволено ви е да паднете, да се расплачете, да почувствувате тага. Запомнете, мора да си ги дозволите овие чувства. Мора да си дозволите да се соочите со стравот од тие „чудовишни“ чувства и понекогаш да го отворите шишето.

Силата не доаѓа од сокривањето на чувствата. Не постои сила која што извира од игнорирање на вашите вистински емоции. Напротив, силата се создава при прифаќањето на тагата, разочараноста, болката, стравот, плачот. Силата лежи во барањето помош кога таа ви е потребна и моќта преку зборови да ги изразите чувствата коишто толку многу ве гушат. Да се биде силен не значи да се држи цврсто тапата на шишето, туку таа да се отвори и од неа да излетаат сите мисли и чувства кои ви создаваат болка и грч. Колку и да ве плаши тој момент на отпуштање, соберете сила и отворете го тој стаклен извор на сиот ваш немир.

Нема ништо срамно во патењето

Сите луѓе патат, но разликата е во тоа што секој ги покажува тие чувства на различен начин. Нема ништо срамно во вашата болка. Сите чувствуваме болка. Затоа, не срамете се да побарате помош. Голтнете ја гордоста и отворете си ја душата. Прифатете ја реалноста, овој свет е толку голем за да можете сами да го носите на своите плеќи. Светот е суров, кажете си го ова и ставете крај на преправањето. Време е за ослободување, за пауза, за здив. Време е да ја симнете маската.

Зборувајте, дајте знак, кажете некому, едноставно дозволете си емоциите да излезат од вас, како жешка лава од вулкан. Не дозволувајте му повеќе на тој оган да гори во вашата душа, ослободете го и полека изгаснете го.

Вие сте само човек

Не мора постојано да носите насмевка на вашето лице. Не мора да ги криете лузните кои секој ден ве прогонуваат со острата болка, Едноставно не мора и не треба сами да се борите против тие мали „чудовишта“. Запомнете, не мора да бидете силни, секогаш и секаде! Понекогаш дозволете да бидете спасени.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар