Не менувајте го вашиот партнер, променете ја вашата перспектива
Наместо да го принудувате вашиот партнер да се промени, променете го начинот на кој вие размислувате за вашата врска. Кога станува збор за љубовта и односите во неа, многумина сметаат дека се експерти во одредувањето на погрешните работи кои ги прави партнерот и на кој начин тој би можел да стане подобра личност. Дури и вашите родители може да ви кажуваат дека вашиот партнер не е добар за вас и тоа дополнително да ја зајакне вашата идеја дека вие сте во право и дека треба да промените нешто.
Но, време е да престанете со еднонасочните размислувања, затоа што ова ви предизвикува повеќе штета отколку што можете да сфатите. Најпрво, една личност не може да се промени сѐ додека не пронајде реална причина за да го направи тоа. Потоа, доколку личноста ја согледа потребата од промени, таа може да го направи тоа само доколку навистина сака. Па, потребно е да го промените начинот на размислување со кој сакате да го промените вашиот партнер и да се фокусирате малку на себеси. Со тоа што сакате вашиот партнер да биде поразличен, вие не само што ги игнорирате многу од позитивните работи кај него, туку исто така го попречувате начинот на кој функционира вашата врска. Една врска зависи од двете личности и ја вклучува силата на двајцата, како и слабоста, стравовите, границите, очекувањата, искуствата и слично. Секоја акција на едната личност, води кон реакција на другата. Љубовните врски се како танцување, така што откако една личност ќе направи еден чекор, другата нема избор, освен исто така да преземе чекор со цел да ја задржи рамнотежата.
Кога една личност ќе направи промени во нејзините очекувања од партнерот или ќе го промени начинот на кој го толкува неговото однесување, тогаш и двајцата ќе бидат посреќни и позадоволни. Притисокот врз вашиот партнер може само да води кон различни конфликти и несреќни моменти, а понекогаш и до раскинување на врската. И двајцата барате љубов, внимание, почит и разбирање, а кога едниот ќе се обидува да го промени другиот, наместо соиграчи, вие ќе станете противници. За да го промените ова, обидете се да ги цените позитивните работи. Не споменувајте си што е она што вашиот партнер го прави погрешно, наместо тоа, запрашајте се што е она што го прави правилно. Слично на ова, не чекајте тој да ја исполни секоја ваша потреба. Размислете и од негова перспектива. Само затоа што таа е поразлична од вашата, не значи дека е погрешна.
Секако, ова не значи дека треба да бидете со секој, туку едноставно треба да се трудите да си бидете верни на себе. Живеењето добар живот значи да правите избори кои повремено ќе носат и болка со цел да живеете емотивно стабилен живот. Меѓутоа, доколку недостатоците и несовршеностите на вашиот партнер се толерантни и вашите сопствени потреби не се занемарени или вашите права не се нарушени, тогаш можеби е време да ја промените вашата перспектива, наместо да го менувате вашиот партнер. Среќата зависи од тоа како избирате да го гледате светот, себеси, вашиот партнер и вашата врска. Наместо да ја насочувате енергијата кон промена на вашиот партнер, фокусирајте се да ја извлечете најдобрата верзија од себеси.