Не фрлајте ги силиконските кесички! Еве за што сѐ можат да послужат!
Кесичките со силиконски гел кои ги добиваме при купувањето разни производи, најчесто чевли, обично завршуваат во кантата за ѓубре затоа што мислиме дека се бескорисни или уште полошо – отровни.
Вистината е дека внатре не се наоѓа никаков отров туку силициум диоксид кој не треба да се јаде (затоа и ова е нагласено на самата кесичка), но може многу да ви послужи во домот. Еве неколку начини на кои може да ги користите овие кесички:
1. Ставете ги во ранецот за вежбање
Поентата на овие кесички е да ја впиваат влагата, па затоа ќе направат чуда за вашата опрема за вежбање. Имено, бактериите најдобро се размножуваат во влажни средини, а бидејќи овие кесички ја намалуваат влагата ќе има значително помалку бактерии. А, со тоа и помалку непријатни мириси.
2. Чувајте ги меѓу чистите пешкири
Силиконскиот гел по истиот принцип ќе го запре ширењето на влагата по чистите пешкири, па тие подолго ќе го задржат убавиот мирис. Ова е особено корисно за оние кои ги чуваат своите перени пешкири во тоалетот каде природно има повеќе влага и пареа.
3. Продолжете му го рокот на траење на вашиот брич
Ако користите бричеви за еднократна употреба и навистина ги фрлате после таа една употреба, тогаш ова не е за вас. Но, ако живеете во Македонија, тогаш веројатно го користите бричот додека целосно не отупи и токму затоа би било добро да го чувате во пластична кутија која се затвора заедно со две силиконски кесички. Така ќе трае подолго.
4. Спасете го мобилниот телефон
Доколку вашиот телефон падне во вода, можете да го спасите така што ќе го ставите во сад со неколку вакви кесички. Веднаш ќе ја впијат влагата.
5. Сочувајте ги новогодишните украси
Кога ќе ги пакувате новогодишните украси за да ги кренете до следната година, не заборавајте во кутијата да ставите и две кесички. Така украсите ќе траат подолго и за секоја наредна употреба ќе изгледаат како нови.
6. Сочувајте го фотоапаратот
Ако имате добар фотоапарат, тогаш сигурно знаете дека влагата му е прв непријател. Решението, секако, се наоѓа во овие кесички. Само додадете една или две во торбичката во која го чувате и бидете спокојни.
7. Справете се со замаглените стакла на автомобилот
Возачите најмногу се нервираат во овој период од годината поради замаглувањето на стаклата. За да биде уште полошо, треба да почекате десетина минути за вентилацијата да си го одработи своето, па да може да возите. За тоа време веќе би стигнале на работа или на факултет со автобус или со такси. Затоа, ставете три до четири кесички под шофершајбната за да го спречите замаглувањето.
8. Сочувајте ги фотографиите
Старите фотографии со тек на време се уништуваат, што е навистина жално, бидејќи често знаат да разбудат носталгични чувства. За среќа, кесичките со силиконски гел и во овој случај се спасот. Ставете две до три кесички во кутијата во која ги чувате фотографиите и не грижете се, влагата не ќе им може ништо.
9. Спасете ја шминката
Во несесерот во кој ја чувате шминката добро е да имате и една ваква кесичка која ќе го впие вишокот течности и ќе ги спаси производите во прав како и камените производи.
10. Ослободете се од мирисот на стари книги
Пред сѐ, да разјасниме – мирисот на стари книги е еден од најубавите и најпривлечните мириси на светот и не би требало ни да помислите да се ослободите од него. Но, не осудуваме, ако сте чудак кој не го сака ваквиот мирис тогаш едноставно ставете ги книгите во кеси полни со кесички силиконски гел и оставете ги преку ноќта. Другиот ден, прекрасниот мирис ќе го нема.