Не дозволувајте туѓото мислење да ја одредува насоката на вашиот живот

Не дозволувајте туѓото мислење да ја одредува насоката на вашиот живот

Еден од најголемите човечки стравови е тоа што мислат другите. Овде спаѓа стравот од јавен настап, исмевање, озборување, навредување. Сето ова е страв од тоа што ќе кажат останатите. Но, луѓето буквално за сѐ имаат да дадат свое мислење. Тие секогаш ќе ви стават некоја „етикета“, велејќи дека сте премногу млади или премногу стари за да остварите некоја цел.

Не дозволувајте туѓото мислење да ја одредува насоката во вашиот живот

Понекогаш ќе слушнете дека не сте доволно образовани за одредена работна позиција, а друг пат ќе ви кажат дека сте преквалификувани. Или ќе ве сметаат дека сте премногу слаби или пак ќе коментираат за вашата дебелина и ќе ви даваат совети за слабеење. Луѓето може да не го одобруваат вашиот партнер, како тие да се со него, а не вие, па ќе ви сугерираат која е вистинската личности за вас, затоа што тие најдобро знаат со кој партнер вие совршено си одговарате. Природно е луѓето да имаат свое мислење и тоа не е никаков проблем, но тешкотиите настануваат од начинот на кој тие го наметнуваат своето мислење и како го употребуваат. И најважно од сѐ, дали го менуваат своето мислење кога ќе сфатат дека тоа не им носи ништо добро.

Кога некој го изразува своето мислење и со тоа прави да се чувствувате лошо, помислете дали постојат моменти кога вие го изразувате своето и со тоа правите некој друг да се чувствува лошо. Светот би бил прекрасно место за живеење кога сите би го изразувале мислењето со кое би правеле другите да се чувствуваат подобро. Нема ништо лошо во тоа кога ќе забележите дека некој прави нешто што не е во ред. Но, на кој начин треба да го кажете тоа? Дали треба да му ја уништите неговата самодоверба? Или пак така што ќе направите да чувствува дека може да оствари уште подобри резултати? Колку повеќе го практикувате вториов начин, толку луѓето подобро ќе се чувствуваат покрај вас. Отворените луѓе си признаваат себеси дека можеби немаат доволно информации за нешто. Тие го прошируваат своето знаење, сакаат да научат нешто ново, да добијат нови информации, мислења и можности. Не можете да го проширите своето знаење ако сте затворена личност која цел живот има исти мислења и исти ставови.

Луѓето сакаат да бидат во право, да мислат дека знаат сѐ и да им го наметнуваат своето мислење на другите. Не за џабе се рекло дека не е важно што се зборува, туку кој зборува. На пример, вие сте слаби и се чувствувате добро, но сакате да бидете во подобра форма и да го затегнете своето тело. Како да прифатите мислење од личност која ви кажува на кој начин да го постигнете тоа, ако самата таа се бори со вишокот килограми и постојано се жали? Сигурно ништо нема да научите од неа на оваа тема. Зошто тогаш да се навредите кога таа личност ќе ви каже дека сте безобразни затоа што не сте ја послушале? Таа едноставно е фрустрирана со својата сопствена ситуација. Кога би погледнале со очите на душата, би виделе тажна личност која сака да ги намали вишокот килограми. Ако таа личност не е фрустрирана, тогаш би ја пофалила вашата линија и би ве прашала како ви успева тоа. Ете затоа се вели дека е важно кој зборува, а не што се зборува. Ова не се однесува само на навредите, туку и општо за животот и за советите. Сигурно нема да слушате сиромашна личност која ви дава совети за парите.

Не дозволувајте туѓото мислење да ја одредува насоката во вашиот живот

Владејте со сопственото кралство. Советите од другите луѓе кои знаат како да владеат со своето кралство, може да бидат добри и да ви послужат во животот. Зошто да ги почитувате оние совети кои немаат некоја основа? Каде би ве одвеле тие? Најважно е да запаметите дека одговорите се кријат во вас. Многу често тие сами ќе ви доаѓаат. Оставете го на страна мислењето на другите луѓе. Оној кој најмногу вика, кој го изразува своето мислење и се смета за најпаметен, најчесто е оној кому најмногу му треба помош и знаење. Вие сте добри онакви какви што сте. Не е важно колку килограми имате, какво училиште сте завршиле ниту пак колку години имате. Училиштето не е мерка на знаењето, затоа што тоа ретко ги прави луѓето мудри исто како што и килограмите не се мерка за тежината на вашето срце кое може да биде многу поубаво од она на најслабата личност.

Вашето мислење треба да ви биде најважно. Ако имате доверба во себе, а некој ве понижува, тогаш ќе му возвратите само со насмевка. Но ако самите си ја намалите својата вредност, тогаш тоа најмногу ќе боли. Нека ви биде важно мислењето кое нуди и шири љубов, а љубовта не познава ниту години, ниту време, ниту килограми. Вие самите сте љубов. Исчистете го правот од круната која ја имате заборавено, ставете ја на вашата глава и владејте во своето кралство на љубовта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар