Науката зад љубовта и поврзувањето: 3-те фази на заљубувањето

Науката зад љубовта и поврзувањето: 3-те фази на заљубувањето

Заљубувањето влијае паралелно и на мозокот и на телото. Нашата симпатија нѐ привлекува и ако работите продолжат по тој пат, може да почувствуваме еуфорија, копнеж, страст и возбуда. Мислиме дека сме ја нашле таа посебна и вистинска личност во нашиот живот. Нашата сродна душа. Неколку години подоцна таа возбуда ќе се намали и ќе се замени со топлина, удобност и нежност. Ќе се чувствуваме физички, психички и духовно поврзани со нашиот партнер. Ќе ги делиме соништата и целите и ќе се обидуваме заеднички да ги оствариме.

Науката за љубовта и поврзувањето: 3-те фази на заљубувањето

Според професорот по антропологија, Хелен Фишер, постојат 3 фази на заљубување: Страст, привлечност и поврзување. Секоја фаза може да се објасни со нашата мозочна хемија – невротрансмитерите кои нѐ инспирираат и нè поттикнуваат, како и хормоните кои го пренесуваат чувството низ нашето тело.

1. Страст

Кога сме во фазата на страста, ние сме физички привлечени кон субјектот на нашите симпатии. Сакаме да ги заведеме или сакаме да нѐ заведат. Постои еден елемент на мистерија и интензивност која ги прави работите возбудливи. Страста е поттикната од тестостеронот кај мажите и естрогенот кај жените и таа е поразлична од љубовта. И двата хормони можат да нѐ натераат повеќе да го посакуваме потенцијалниот партнер, но не и да се заљубиме во него на потраен начин.

2. Привлекување

Во втората фаза започнуваме да копнееме по присуството на нашиот партнер. Нашите срцеви отчукувања се зголемуваат и не сакаме ниту да јадеме ниту да спиеме. Чувствуваме дополнителна енергија и возбуда како што фантазираме за различни заеднички сценарија. Сите чувства се предизвикани од допаминот, норадреналинот и серотонинот.

Допамин: Се поврзува со мотивацијата, наградувањето и однесувањето кое го покажуваме кога сакаме да стигнеме или исполниме некоја цел, што го објаснува и поттикот да се обидеме да ги освоиме нашите симпатии или да фантазираме за нив.

Норадреналин: Одговорен е за дополнителниот прилив на енергија и забрзаниот пулс, како и за губењето на апетитот и желбата за спиење.

Серотонин: Предизвикува опсесивно размислување. Во едно италијанско истражување спроведено врз 60 испитаници се заклучило дека оние кои неодамна биле заљубени и оние кои пателе од опсесивно компулсивни нарушувања имале помалку серотонин во нивната крв отколку оние испитаници кои не биле заљубени.

3. Поврзување

Поврзувањето ја претставува желбата да направиме потрајна врска со нашите љубени. Ова е периодот во кој љубовните парови можат да се вселат заедно, да стапат во брак и/или да имаат деца. По некое време, допаминот се намалува и се заменува со хормоните окситоцин и вазопресин, кои ја создаваат желбата да се поврземе и да го негуваме нашиот партнер.

Окситоцин: Хормон кој се ослободува за време на сексуалниот однос, раѓањето на децата и доењето. Се претпоставува дека окситоцинот е причината поради која интимните односи ги зближуваат паровите. Но, тој има и темна страна бидејќи се поврзува и со љубомората, потребата од внимание и зависноста од партнерот.

Вазопресин: Научниците откриле дека вазопресинот игра голема улога во поврзувањето со тоа што го проучувале еден вид глодари, познати по латинското име „Microtus ochrogaster“. Станува збор за мало животинче кое наликува на глушец и формира моногамни врски како луѓето. Кога на машкиот род им била администрирана дрога која го запира вазопресинот, тие започнале да ги занемаруваат своите женски партнери и престанале да ги бранат од другите потенцијални машки партнери.

Разбирањето на науката за страста, атракцијата и поврзувањето може да ни помогне да развиеме пореалистични очекувања од нашите врски. Во продолжение следуваат неколку совети како поуспешно да поминете низ сите фази на заљубувањето:

1. Не ги изедначувајте страста и љубовта – дајте ѝ време врската да се развие пред да започнете да сонувате за заедничка иднина.

2. Продолжете го дејството на допаминот во една подолготрајна врска со тоа што ќе имате средби, ќе одите на заеднички часови, патувања и ќе правите нови и возбудливи работи заедно со вашиот партнер.

3. Продолжете го дејството на окситоцинот со тоа што ќе практикувате поголема интимност. Прегрнувајте се и бакнувајте се, мислете на вашиот партнер кога не е покрај вас, делете ги вашите надежи и соништа и поддржете ги своите најсакани.

4. Ако сте љубоморни и сакате да ги контролирате луѓето околу себе, започнете да развивате разни активности и пријателства кои ќе направат да се чувствувате важни и сакани.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар