Научно докажано: Љубителите на книги се подобри партнери
Според истражувањата спроведени од Рејмонд Мар, психолог на Универзитетот Јорк и Кејт Отли, професор по когнитивна психологија на Универзитетот во Торонто, луѓето кои читаат книги се многу поемпатични и покрај своите, полесно ги поддржуваат туѓите мислења, верувања и интереси. Иако ова се смета за вродена особина на сите луѓе, сепак потребни се различни нивоа на социјални искуства за таа да излезе на виделина.
Токму тие нивоа на социјални искуства, сметаат психолозите, се стекнуваат преку книгите. Преку умственото искусување на туѓи животи, тие ги напуштаат сопствените тела и за момент го гледаат светот низ поинаква призма. Живеат стотина животи, собирајќи мудрост и знаење. Секој триумф, лекција, откровение на главниот лик го чувствуваат како личен. Овие луѓе се полни со мудрост и душа, а тоа ќе го забележите уште при првиот разговор. Еве зошто после сѐ, тие се и најдобриот избор за иден партнер во вашиот живот.
Сѐ освен обичен разговор
Ова се речити луѓе и постојано ќе ве опсипуваат со писма и поеми, но не на досаден и одбивен начин. Тие нема да понудат обичен разговор, туку изнесуваат длабоки размислувања и теории. Едноставно ќе ве маѓепсаат со нивното знаење, идеи и убави зборови. Направете си услуга и бидете во врска со некој кој ќе ви го пружи ова мало, но слатко душевно задоволство.
Целосно разбирање
Луѓето при читањето се поврзуваат со ликови кои никогаш не ги сретнале, а тоа прави полесно да ги разбираат оние кои се во нивната вистинска околина. Тие имаат огромен капацитет за емпатија. Можеби не секогаш ќе се согласуваат со вас, но ќе се обидат да ги погледнат нештата и од ваша гледна точка. Затоа, вљубете се во некој кој не само ве познава, туку и целосно го разбира секој дел од вас и вашата личност, токму како овие луѓе.
Интелигенција и мудрост
Додека наметливата интелигенција е малку одбивна, мудроста е сосема привлечна. Постои нешто неодоливо кај луѓето од кои можете да научите нешто ново и да водите богат, содржаен и интересен разговор. Овие луѓе се помудри и поинтелигентни поради зголемениот вокабулар и вештини за помнење, како резултат на прочитаните книги. Имаат поразвиени когнитивни функции и комуницираат подлабоко и поефективно. Искуствата на ликовите во книгите, ги имаат акумулирано како свои, а оттука и мудроста е неизбежна.