Научете како да ги препознавате емоционалните манипулатори

Научете како да ги препознавате емоционалните манипулатори

Скоро сите се способни да го препознаат физичкото насилство и веднаш да го осудат. Законот за тоа прашање е дефиниран, како и некои општо прифатени морални стандарди. Но, кога станува збор за емоционалното насилство, границите помеѓу дозволеното и недозволеното понекогаш брзо се губат, најмногу затоа што овој вид насилство не е секогаш лесен за препознавање.

Научете како да ги препознавате емоционалните манипулатори

Односот со емоционалниот манипулатор, без разлика дали е партнер, пријател, колега или член на семејството, може да биде прилично стресен и да нанесе долготрајна штета на личноста која е жртва. Па, како можете да ги препознаете овие емоционални насилници?

Тие секогаш ги извртуваат нештата во нивна корист

На пример, ако ѝ кажете на вашата пријателка: „Лута сум ти затоа што заборави дека вчера требаше да се видиме“, а таа ви одговори: „Многу ми е жал што мислиш дека сум заборавила да дојдам на нашата средба. Можеби требаше да ти кажам дека моментално сум под страшен стрес поради проблемите на работа, но не сакав да те загрижувам. Па да, излгеда требаше сè тоа да го тргнам настрана и да се фокусирам на нашето излегување.“ Додека таа го кажува ова, нејзиниот глас може да почне да трепери, па дури и да пушти некоја солза. И најлошото е што во тој момент вие знаете дека воопшто не ѝ е жал, но таа толку многу ви го одвлекла вниманието со нејзиниот монолог, што едноставно сте останале без зборови.

Совет: Никогаш не прифаќајте извинување кое е во форма на напад. Ако извинувањето звучи шупливо, тогаш тоа најверојатно навистина е такво. Верувајте му на вашиот здрав разум и не им дозволувајте на емоционалните манипулатори да ве контролираат. Исто така не заборавајте дека ако еднаш им дозволите да се извлечат со нешто вакво, тие ќе почнат постојано да го повторуваат истото.

Тие секогаш сакаат да се прикажат себеси како жртва

Најлошото нешто што можете да го направите е да побарате помош од емоционален манипулатор. Во најголемиот број случаи тие ќе го прифатат тоа и токму тука ќе настане вашиот проблем. Секоја друга личност ќе се обиде да го направи она што сте ја замолиле, притоа не правејќи драма од истото, додека пак емоционалниот манипулатор ќе предизвика да зажалите затоа што воопшто сте го замолиле за помош. На пример, ако сте го замолиле сопругот на враќање од работа да застане во маркет и да купи млеко, тој ќе дојде дома со млекото жалејќи се за сите „неволји“ кои притоа му се случиле. Тој ќе ви раскаже како не можел да најде паркинг, па морал да пешачи по дожд. Потоа, кога влегол во маркетот налетал на гужва на касата каде што му било толку многу лошо од умор и глад што едвај додржал да не падне. Тој брзал накај дома за да го гледа филмот кој толку долго го чекал, но поради тоа што морал да купи млеко ги пропуштил првите 5 најважни минути…

Совет: Бидете одлучни и во иднина инсистирајте на отворен однос. Ако оваа личност прифати да направи нешто, откако сте ја замолиле, погрижете се едноставно да го направи тоа без никаква драма. Во случај да не сака да ја заврши оваа работа за вас, нека ви каже отворено и искрено пред да се нафати на истата, наместо потоа да ви се жали за стореното.

Тие често ќе тврдат дека не го кажале она што го кажале, и обратно

Оваа изјава навистина знае да биде непријатна, па доколку често се случува може да ве натера да се посомневате во вашиот здрав разум. Вие јасно се сеќавате дека во среда попладне сте седеле со својата девојка на кафе и дека таа ви кажала оваа сабота, ако времето биде убаво, дека таа ќе биде слободна да одите на излет. За да бидат работите уште поинтересни, тоа всушност било нејзина идеја. Но, саботата пристигнува, а од вашата девојка нема ни трага ни глас. Откако конечно успевате да ја најдете, некаде по 3 попладне, таа ви вели дека е излезена со пријателките од утрото и дека се подготвуваат да одат на „луда“ журка. Во тој момент го спомнувате вашиот план за овој ден и таа почнува да ве убедува дека вие никогаш не сте се договориле за нешто такво. Без разлика колку се обидувате да ја разубедите, таа цврсто стои на својот став.

Совет: Многу е тешко да се справите со овој вид луѓе, па токму затоа треба да си го поставите прашањето дали навистина вреди да ја одржувате врската со нив. Доколку се грижите за оваа личност и сè уште не сте подготвени да ставите крај, тогаш почнете да ги правите овие планови исклучиво преку пораки или мејлови. На овој начин, во секое време ќе имате доказ дека вие навистина сте разговарале за тоа што емоционалниот манипулатор се обидува да го скрие.

Тие се обидуваат да ви ја наметнат нивната вина

Емоционалните манипулатори се експерти кога станува збор за наметнување вина, дури и во оние моменти кога вие ни најмалку не сте виновни. На пример, вашата мајка ви вели дека воопшто не ве гледа, па токму затоа постојано ви се јавува да ја посетите, додека по телефон звучи многу уморно. Откако ќе се согласите да ја посетите, таа ќе почне да ви зборува дека премногу време поминувате со вашиот сопруг или сопруга и дека поради него/неа таа воопшто не ве гледа. Но, додека го прави овој разговор заборава да спомне дека во текот на месецот, вие сигурно еднаш, до два пати неделно ја посетувате и седите со неа по неколку часа. Од друга страна пак, ако сакате да одите на патување со пријатели, таа ќе се обиде со целата своја сила да ве разубеди дека тие само ве користат, сакајќи да ве натераат да ги потрошите вашите пари за џабе. Можеби дури и да ви каже нешто како: „А што ќе правам јас кутрата толку долго без тебе? Зарем не ти е жал да ја оставиш својата мајка тука сама? Згора на сè и болна сум…

Совет: Имајте на ум дека нема смисла да се води туѓа битка. Ако некој се чувствува несигурно во својата кожа, тоа е проблем кој мора сам да си го реши, без притоа да ги нервира сите околу себе. Извинувањето треба да се каже доколку навистина нешто сме згрешиле, но не смееме никако да дозволиме некој со помош на неговите чувства на несигурност да ни наметне чувство на вина кога ни најмалку не сме виновни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар