Научете да бидете одговорни

Научете да бидете одговорни

Автор: Петар Лазаров

Дали знаете дека број 1 причина за неостварување на нашите цели (деловно и приватно) е немање или недостаток на одговорност?!

nauchete-da-bidete-odgovorni-kafepauza.mk

Одговорноста е една од најважните човечки карактеристики. Правејќи истражување за оваа тема и анализирајќи го значењето на (не)одговорноста како особина, налетав на неверојатен број аспекти каде и како таа ни се одразува на нашиот приватен и деловен живот, а ние не сме свесни дека тоа е поради таа карактерна особина.

Одговорноста го развива и прави нашиот карактер посилен, го зголемува нашиот кредибилитет, влијае на остварување на нашите цели, а и ги прави другите околу нас посреќни. Нискиот степен на одговорност нѐ прави многу слаби и ранливи. Многу лесно може да ни избега паметот, да се занесеме по други „глупости“ и да правиме многу пропусти. И доколку не се менуваме и не работиме на развој на нашата одговорност, ќе стагнираме во развојот и работата и другите ќе нѐ престигнат.

Самоодговорноста се одразува на нашата самодоверба. Помало ниво на одговорност, помала самодоверба и обратно. А самодовербата е таа што нѐ води во животот и ни помага да ги поминеме и најголемите пречки, како на работа така и приватно. Луѓето со поголема самодоверба имаат поголема контрола на својот живот и се поефикасни во извршување на своите задачи. Тие ја преземаат одговорноста за своите емоции, мисли и постапки. Тоа значи дека тие се свесни и одговорни за последиците од своите постапки (позитивни или негативни), и наместо да ги обвинуваат другите или себеси, се фокусираат на решенијата и учење од тие ситуации.

Една од најкарактеристичните одлики на неодговорните личности е што многу брзо им се здосадуваат работите. Поради тоа губат интерес за тековните работи, губат фокус и прават грешки. Си викаат дека одговорностите сега им се досадни, неважни и глупави. Ако имале поголеми одговорности, ќе се однесувале попрофесионално и ефикасно. Но, мора да сфатиме, никогаш никој нема да ни даде повеќе или поважни одговорности, доколку не си ги завршиме најпрофесионално и ефикасно сегашните, тековни одговорности. Малите работи најдобро го отсликуваат нашиот вистински карактер.

Во прилог еве една листа на фактори/начини како да влијаете на јакнење на вашата одговорност:

1. Свесност: Секогаш кога сакаме да влијаеме на некоја наша карактерна особина мора да имаме на ум дека треба да сме свесни за сите работи што ги правиме и што ни се случуваат. Да бидеме свесни за нашите постапки и како тие се одразуваат на нас самите, а и на другите. Бидете свесен набљудувач и не се плашете од вистината. Тешко е да ја прифатиме вистината и затоа секогаш мозокот ќе си најде одговор зошто ние го правиме тоа, а не дека сме помалку одговорни.

2. Работете на вашето его: Егото во суштина е најголемата пречка да увидиме и прифатиме дека сме неодговорни. Тоа ќе ѝ застане на патот на нашата свесност да ги воочи нашите пропусти и слабости. А не постои полошо нешто ако сме убедени дека сме многу одговорни, а во реалноста да е сосема спротивно. Тоа значи дека можеби никогаш и нема да се освестиме и да направиме некаква промена за да ја развиеме нашата одговорност. Егото не постои, тоа е измислица на нашиот ум, тоа е наш создаден принцип и заклучок. Сменете ги мислите и принципот/заклучокот ќе се смени.

3. Развивајте ја вашата самодисциплина: Дисциплината е карактеристика на одговорните луѓе. Дисциплина значи поставување на цели, без разлика дали микро, мали, средни или големи и нивно остварување, без притоа да ни летне паметот на други места. Често на нашата дисциплина влијаат надворешните фактории, нѐ заведуваат и оттргнуваат од тековните работи. Наша задача е да не потклекнеме и да бидеме цврсти на зборот/ветувањето што си го имаме дадено на себе и на другите и да ги извршиме зададените цели. Дисциплината најдобро се учи на ситни задачи и обврски. Направете листа на мали работи што сакате да ги направите денес и бидете дисциплинирани во нивната реализација.

4. Развивајте ја вашата вештина за мултитаскинг (работење повеќе работи одеднаш): Малку е контрадикторно со мојот претходен текст за мултитаскинг и тврдењето дека не може ефикасно и ефективно да се работат повеќе работи одеднаш. Но, со свесно развивање (вежбање) на мултитаскингот, го напрегаме мозокот и го тераме да мисли повеќе. Со работење на неколку работи одеднаш, а со цел да ги сработиме ефикасно и квалитетно ќе мора да бидеме повеќе одговорни, фокусирани и внимателни при сите активности.

5. Престанете да барате изговори и да ги обвинувате другите: Изговорите се одлика на неодговорните. Наместо да се фокусирате и да трошите енергија на барање на кривецот (колега, менаџер, времето, кризата, Марсовците итн..) фокусирајте се на причината и признајте си зошто не сте ја завршиле работата. Дали поради тоа што ве мрзело, не ви било предизвик, ви било досадно, сте биле уморни, сте сакале да си работите нешто поинтересно, не сте биле заинтересирани итн. Исто така ако постојано барате кривец во некој друг, се жалите дека тие се виновни за вашите неуспеси, нема да стигнете многу далеку.

6. Признајте ги вашите грешки: Одговорните луѓе не се плашат и не кријат да си ги признаат своите грешки. Луѓе сме и грешиме. Наместо да ги криеме работите и да ги ставаме под черга, треба да се соочиме со нашите грешки, да си ги признаеме, да научиме од нив и да продолжиме помудри понатаму. Ако не ја признаеме грешката ем ќе изгубиме време во нејзино поправање и прикривање, ем нема да научиме од неа (и истата грешка ќе ја направиме следниот пат). А дополнително, доколку ја прикриваме, може подоцна да ни направи уште поголем проблем.

7. Бидете проактивни: Ако видите дека нешто не се прави, а верувате дека ќе биде добро за сите, преземете иницијатива и направете го. Исто важи и за работи што не сакате да ги направите, бидејќи тоа е задача на друг колега (да се исчисти кујната).Тоа ќе ве направи посилни и позадоволни, и повеќе одговорни за работите што се околу вас. На тој начин работите паралелно и на правење работи што не ви се допаѓаат. Тоа пак влијае на подобро искористување на времето (time management). Одложувањето на работите што не ни се допаѓаат е еден од 3-те најважни фактори за лошо менаџирање на времето.

8. Немојте да одложувате: ОДЛОЖУВАЊЕТО е врвот на неодговорноста. Одговорна личност ќе ја заврши работата бидејќи така рекла дека ќе направи. Секое одложување е поврзано со некоја слабост на карактерот – недисциплина, невреднување на нашиот збор, мрзеливост итн.

9. Помагајте на другите: Ќе станете повеќе одговорни, бидејќи не станува збор за вас. Тука треба да мислите за другите. Нашите грешки и пропусти ќе влијаат на другите (може и фатално). Дали ви се случило да ви умре рипката бидејќи сте заборавиле да ја нахраните?! Размислувајте како вашите постапки ќе влијаат на другите. На овој начин ја развивате и вашата вештина за емпатија и ќе го направите она што многу малку луѓе го прават (ние луѓето не размислуваме како нашите постапки влијаат на другите, а во некои ситуации дури заземаме и „баш ми е гајле“ став).

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар