Нашите „маки“, „грижи“ и „проблеми“

Нашите „маки“, „грижи“ и „проблеми“

Човечноста е ретка особина, и тоа не само во денешно време туку отсекогаш била. Како и секоја друга прекрасна карактеристика, ја нема баш во изобилство, затоа треба да се цени. А му се смееле на Диоген што дење шетал со фенер барајќи човек. Тој си имал цел и поента, само што залудно си трошел време…
Нашите „маки“, „грижи“ и „проблеми“Дали сме стигнале до ужасувачки степен на неблагодарност? Дали нашите божемски проблеми не ни дозволуваат трезвено да ја согледаме реалноста околу нас? Кои се нашите грижи и маки? Немам што да облечам вечер, подуен ми е стомакот, сум се здебелила две кила, паднав на испит, мама не ми ја купи маичката која ја сакав…? Има луѓе во светот кои буквално гладуваат, кои молат за покрив над глава и родителска грижа. Толку сме зафатени со мрчење, што никогаш нема да речеме Јас го имам ова и ова, туку Ми фали тоа и тоа. Погодете што – секому нешто му фали! Си имаме проблеми, не велам не. Некогаш навистина ни се чини дека работите тргнале по ѓаволите, има периоди кога сè се врти наопаку колку и да се трудиш да го исправиш. Ама никогаш да не успееш да издвоиш време, да си ја чукнеш главата и да си речеш Види со што сè сум благословен/а, навистина е жалосно.

Сакам кога гледам луѓе опиени со страст за животот, насочени кон подобрување на светот, оние кои знаат дека не е сè така розово, ама задоволни се со она што го имаат, луѓе со човечност. Ако имаме пари за надградба на нокти, нови штикли или телефон, тогаш со сигурност имаме и за макар најмала и скромна донација, за која нема да бараме нашето име да биде испишано на билборд.

За крај, само накратко би сакала да ви ја пренесам поуката која јас ја извлеков од едно книжевно дело. Бог огорчен од сè што се случува на Земјата, и од тоа колку луѓето станале себични материјалисти, ја испратил смртта да им навести дека наскоро ќе ги земе и дека би требало да излезат со пресметките за сите добри и лоши дела во животот. Излезе дека ништо од тоа во кое уживале на Земјата не би можеле да го понесат со себе во смртта. Ниту убавината, ниту парите, ниту предметите, туку само добрите дела кои ќе ги следат цела вечност. А каде се нашите добри дела? Што би понеле со себе? Што би оставиле за луѓето да нè запаметат?

Некогаш не е потребно како белег за твоето постоење луѓето да именуваат улица по тебе. Најчесто е доволно тоа што си живеел среќен и исполнет живот, што си им ги разубавил животите на многумина макар и накратко, што си живеел, а не преживувал.

Ова утро сме благословени со убаво кафе и на раат си читаме Кафе пауза. Само такви моменти да ни се множат.

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Ivana Reply

    Браво Ели многу убаво кажано 🙂

Остави коментар