Направете сами: Уникатни апостолки
Купувањето обувки во летниот период може да биде тешка работа за оние кои имаат големи, широки или пак многу тесни стапала. Затоа, одлично решение е да преработите некои стари апостолки или да купите евтин пар и од нив да направите сосема нов модел.
Овие апостолки може да ве чинат само 200 денари, а да ви потрошат околу половина час од вашата „креативна зона“.
Потребни елементи:
- Евтин пар апостолки
- Кујнски ножици
- Ткаенина по избор
- Термопластично лепило (доколку имате)
Исечете 4 ленти од ткаенината широки 10 см, долги 60 см. Можеби ќе биде доволно и да се пократки, но најдобро е да не ризикувате при првиот обид.
Од долната страна на апостолката, отсечете го задебелениот дел кој ги држи ремчињата. Откако ќе ги отстраните ремчињата, ви останува основата за вашите нови апостолки.
Ткаенината ако сакате можете да ја порабите пред да почнете да ја протнувате низ основата за апостолките, но како и да постапите, во секој случај, зашилете ги краевите како на сликата.
Земете две ленти и протнете ги низ отворот кај палецот.
Заврзете јак двоен чвор. Чворчето ќе се вклопи во дупчето од првобитните ремчиња. Отсечете ги остатоците.
Свртете ја апостолката на лице и врзете уште еден чвор на околу 2,5 см од основата. Ова е делот кој ќе дојде меѓу вашите ножни прсти. Држете ги двете ленти кога ќе го врзувате чворот.
Сега врзете уште еден чвор, веднаш до претходниот и стегнете го цврсто.
Потоа протнете ги двете парчиња ткаенина низ двете странични дупчиња.
Облечете ја апостолката и видете колку ткаенина треба да остане за да ви ја држи ногата стегнато и стабилно, а потоа врзете чворчиња одоздола. Извадете ја апостолката од стапало и проверете ги чворовите. Потоа повторно облечете ја, прошетајте низ собата и проценете дали е доволно цврста. Имајте на ум дека материјалите се растегнуваат со носење, така што подобро е лентите да се добро стегнати.
Потсечете ги остатоците и чворчињата ќе пропаднат во отворите. За дополнително зацврстување, капнете малку термопластично лепило во секое од дупчињата пред да ги спуштите чворчињата.
Готово. Сега може да бидете креативни и да направите модел кој никој друг не го носи. Можете да употребувате разни материјали, да плетете неколку врвки заедно, да поставувате додатоци, па дури и да направите сандали со мала варијација во моделот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.