Направете план на вашиот живот
Има една изрека која вели: „Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му ги твоите планови“. Но, ако ја разгледаме оваа мисла од поинаква перспектива, можеме да и дадеме една нова димензија: „Ако сакаш да го расплачеш Господ, кажи му дека немаш никакви планови“. Сите бизниси започнуваат со добар план и секој спортски тим влегува во игра, со однапред определена стратегија. За да се чувствувате исполнето и за да можете да ги реализирате вашите замисли во денешнава ера, потребен ви е добар план напишан на хартија. Во продолжение следуваат 10 причини зошто треба да направите план на вашиот живот, најбрзо што можете.
1. Правењето план ви дава насока
Точно е дека животот е патување, а не дестинација до која треба да пристигнете, но човековата тенденција е секогаш да се насочи кон подобар правец во животот. За да се чувствувате хармонично и задоволно, треба самите да дефинирате што сакате и да го создадете тоа. Ако еднаш ја дефинирате вашата насока на движење, ќе можете да направите и прогрес. Ова не е лесна задача и затоа е ставена под број 1.
2. Јасната насока ви дава фокус
Кога ќе го дефинирате патот кон кој се движите со цел да ги реализирате вашите соништа, животот веднаш станува црно–бел, во позитивна смисла на зборот. Постојат нешта кои ќе ве туркаат по тој пат, но постојат и препреки кои ќе ви го забавуваат целиот тој процес. После неколку мали обиди, ќе сфатите дека повеќето од работите кои ви се случуваат, не се одвиваат онака како што сте си замислиле. Затоа во секој момент треба да имате на ум план Б, кој веднаш ќе ви го оттргне сомнежот дека нема да успеете.
3. Да се има фокус, значи да се има повеќе мотивација
За реализација на секој план е потребна енергија, исто како што на автомобилот му е потребно гориво за да може да вози. Прецизно дефинираните планови, ја поттикнуваат вашата мотивација. Кога ќе си зацртате во глава што сакате да ви се случува во животот, направете план кој ќе биде составен само од нешта кои ги сакате и во кои уживате и во кој имате верба.
4. Фокусирањето кон реализација на плановите, ви помага да ги поставите приоритетите
Постојат многу нешта кои треба да се направат во текот на животот. Колку поамбициозни планови кроите, толку повеќе нешта ќе треба да реализирате. Но, јасно конструираниот план на живот, ќе ви помогне да ги забележите оние активности кои најмногу придонесуваат за негово успешно реализирање.
5. План на животот
Една од најбитните причини зошто треба да си го организирате вашиот живот, е бидејќи правењето планови ќе ги потенцира вашите недостатоци. Дали можеби сте неискрени, вештачки, тврдоглави, површни или имате некоја друга мана во вашиот карактер? Со самото тоа што ќе ги запишете работите кои не ви се допаѓаат кај себеси и кои сакате да ги промените, природно ќе бидете мотивирани да започнете да работите на себе, за да ги елиминирате препреките на патот кон вашиот успех.
6. Елиминирањето на вашите „слаби точки“ ќе ви ја зацврсти самодовербата
Кога еднаш ќе ги идентификувате вашите слаби точки и ќе ги забележите на лист хартија за да не ги заборавите, ќе почнете да работите на нивно коригирање, а со самото тоа вашата верба во себеси ќе почне да расте. Се разбира, основата на која се базира вашиот план на животот, е токму вашата непоколеблива верба во себеси, дека вие можете да направите буквално сè.
7. Да се има самодоверба и енергија, значи да се има душевен мир
Кога работите во вашиот живот се неизвесни, мозокот почнува да ви лута на милион различни страни, што ви ги зголемува чувствата на нервоза и немир. Но, кога нештата се јасно дефинирани и запишани за да можете секојдневно да се потсетувате на вашите животни амбиции, не би и дозволиле на нервозата да завладее со вас. Резултатот од тоа е смиреност и хармонија.
8. Добро смислениот план носи резултати
Плановите ги создаваме со цел да постигнеме некаков резултат. Многу е полесно нешто да реализираме, ако претходно го дефинираме тоа што се обидуваме да го постигнеме. Докажано е дека поуспешно ќе ја завршите работата од секаков тип, ако претходно за истата имате изготвено план по кој ќе се држите.
9. Неуспешноста на некој план значи стекнување искуство
Ако работите не ви се одвиваат според планот, тогаш променете го. Имате насоки, имате цели, но реалноста се променила. Способноста за квалитетно обмислување планови е процес на учење, така што мора да сфатите дека успесите и неуспесите се дел од него.
10. Крајна цел: среќа
Сите претходни точки за тоа како да правите планови, се базираат на последнава – чувството на среќа, хармонија и задоволство од сами себе кога ќе постигнете некаков успех во животот. Тежнеењето кон среќа, е причината зошто правите планови во животот, зошто воопшто правите што било. Ако целта на вашиот план е да бидете среќни и имате смислено што сè треба да направите за да се случи тоа, тогаш со самото тоа, значително ги зголемувате шансите тоа навистина да се случи.
Запомнете дека планови се прават само за крупните нешта. А вашиот живот е крупна работа. Запишете на лист хартија кои работи ве прават да се чувствувате исполнето и започнете да работите во насока на нивно реализирање, со голема жар и енергичност како да работите на некој голем проект. Размислувајте што сакате, зошто токму тоа го сакате и што (во најситни детали) треба да направите за тоа да се случи. Кога вие ќе станете сериозни за вашите планови, никој нема да ви се смее за нив.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.