Наместо цвеќе, оваа сезона засадете овошје и зеленчук на балконот

Наместо цвеќе, оваа сезона засадете овошје и зеленчук на балконот

Наместо да купувате неколку цветни садници што најверојатно ќе треба да ги фрлите по завршувањето на сезоната, зошто да не го „украсите“ вашиот балкон со овошје и зеленчук?

Наместо цвеќе, оваа сезона засадете овошје и зеленчук на балконот

Се разбира, начинот на садење ќе биде во посебни услови, но ако имате балкон свртен кон југ или југозапад, можете да засадите голем број намирници. На овие балкони има сонце во поголем дел од денот, па затоа е погодно да се засадат култури за кои е потребно повеќе сонце, односно зачини како рузмарин, магдонос, босилек и мајчина душица. Кога станува збор за зеленчукот, можете да насадите домати, пиперки, боранија, моркови, ротквици. За успешно одгледување на повеќето зеленчукови култури, потребно е растенијата да бидат изложени на сонце најмалку шест часа на ден. На балконите кои се во сенка, успешно ќе растат лиснат зеленчук, како зелена салата, блитва, рукола и други растенија што се чувствителни на високи температури и летни горештини.

Исто така, многу е важно да не ги преоптоварувате саксиите со семиња или со садници, бидејќи на секој зеленчук и овошје му треба простор. На пример, оставете го босилекот да расте во саксија со дијаметар од најмалку 15 см, а гравот, чери доматите и пиперките во саксија со дијаметар од најмалку 25 см, но имајте предвид дека колку е подлабока саксијата, толку поуспешно ќе расте зеленчукот. Покрај пластичните и керамички саксии, може да користите и стари буриња и дрвени кутии. Обезбедете им дренажа на растенијата со поставување камчиња или парчиња тула на дното од садот и земја над нив. Камчињата ќе обезбедат подобра дренажа на водата.

Што да засадите?

Откако ќе прочитате кое растение какви услови бара и што можете да понудите, време е да започнете со садење. Ако не сте искусен градинар, можеби ќе сакате да започнете со садници оваа година, а со семе следната година, со оглед на тоа што одгледувањето од семе е малку потешко.

Чери доматите се исклучително погодни за одгледување во саксии на балконот, потребно е само да им обезбедите поддршка во форма на стап кога ќе пораснат. Исто е и со пиперките и со боранијата. Доматите сакаат ѓубриво, па затоа треба да им додадете органско ѓубриво кога ќе се развијат плодовите и кога ќе почнат да созреваат. Ако сте ограничени со просторот, засадете лути пиперки. Ако одлучите да садите и благи пиперки, имајте на ум дека може да дојде до вкрстување, така што сите пиперки може да бидат лути следната година. Ако на балконот има најмалку шест часа сонце на ден, тогаш можете да засадите босилек, рузмарин, магдонос, копар и мајчина душица кон крајот на април до почетокот на мај. Ако вашиот балкон е во сенка, одгледувајте пиперчиња и нане. Исто така, можете да засадите неколку зачини во иста саксија, само проверете дали има доволно простор за сите.

Прочитајте како да ги подготвите сукулентите за пролетта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар