Најновиот тренд кој го освои светот на модата: Поло маици
Дојде време да се збогуваме со маичките со слогани и да му посакаме добредојде на новиот тренд, а тоа се поло маиците. Под влијание на спортскиот луксуз и тематиките од 70-тите, поло маиците се враќаат со силен замав назад на модната сцена.
Креаторите на овој хит, Лакост и Ралф Лорен, сосема логично први ги претставија нивните колекции за пролет-лето каде поло маиците достојно дефилираа на модните ревии. Дел од италијанските брендови исто така го инкорпорираа ова парче така што му дадоа нишка модернизам со помош на контрастни бои и силни акценти.
Поло маичките го враќаат ретрото во мода. Нивната лесна форма, богат вариетет на материјали, бои и стилови како и необичната текстура и разните дезени им обезбедуваат карта за влез назад во светот на модните критичари, блогери и модни ентузијасти.
Кога е во прашање ова парче, не се плашете да одите чекор подалеку. Дозволете си да експериментирате со авангардни детали како колор блокинг, интересни ракави, колани и брошови.
Ако сте обожаватели на удобната облека или едноставно го сакате спортскиот луксуз, тогаш дефинитивно инвестирајте во вакво парче. Ако се плашите да го комбинирате, не грижете се, постојат огромен број варијанти. Интересна и необична идеја е да го носите со пар впечатливи високи потпетици или волуменозно здолниште.
Ако гламурот не ви е силна страна, пробајте да го носите како фустан во комбинација со патики за да постигнете спортски шик. Ако целите кон релаксиран пристап, едноставно пикнете ја маицата во вашите омилени скинати фармерки или носете ја врз фармерки со ногавици-цигари. Има безброј комбинации, само треба да бидете доволно смели да се обидете да ги носите.
Оживувањето на ова класично парче нѐ враќа назад низ еден временски моден времеплов без да почувствуваме трошка носталгија. Новите апдејтирани верзии на оваа едноставна маичка се одлични за опуштените девојки и без сомнеж веднаш го освоија целиот моден свет. Да речеме дека е 1-0 за поло маиците. Може?