Најголемата причина поради која љубовните парови раскинуваат пред празниците
Празниците се период кога луѓето се среќни и се зближуваат едни со други. Меѓутоа, стресот и анксиозноста што се јавуваат за време на празниците знаат и да го извлечат најлошото од нас. Поради тоа, раскинувањата зачестуваат во овој период од годината. Според најновите истражувања, еден од пет љубовни парови размислува да ја прекине врската поради една единствена причина – парите.
Многу луѓе се соочуваат со финансиски проблеми во овој период. За време на празниците, луѓето влегуваат во долгови, ја трошат платата од декември со брзина на светлината и подигнуваат кредити за да сврзат крај со крај.
Што се однесува до љубовните врски, истражувањето открило дека просечниот пар поминува низ најмалку 4 караници дневно во текот на месец декември. Некои дури и раскинуваат. Не е никаква новост тоа дека финансиските средства влијаат на љубовниот живот позитивно или негативно, во зависност од тоа како партнерите раководат со парите. Па, како да ја заштитите вашата врска од проблемите што можат да настанат поради празничните трошоци? Експертите ги нудат следните три совети…
1. Комуницирајте
Најголемата причина зошто паровите се караат за време на празниците е тоа што еден од партнерите потрошил повеќе пари од планираното. Потрошените пари се еден проблем, но поголем проблем е тоа што другиот партнер е непријатно изненаден од оваа постапка. Тоа е резултат на недоволна комуникација за време на празниците и финансиските средства што стојат на располагање. Разговарајте со партнерот за финансиите и договорете се за сумата пари што планирате да ја потрошите. Најважно е да си ги почитувате вашите желби и потреби.
2. Направете план
Заедно направете ја листата на работи што треба да ги купите и договорете се колку пари смеете да потрошите. Одлучете колку ќе потрошите за вашите деца доколку имате, роднини, колеги и пријатели. Направете компромис околу тоа колку можете да одвоите за новогодишната прослава. На тој начин ќе се почувствувате како тим и ќе успеете добро да се организирате.
3. Донирајте ги парите во хуманитарни цели
Доколку не сакате да славите Нова година и да потрошите многу пари или пак немате идеја што да им подарите на вашите пријатели затоа што сметате дека веќе имаат сѐ, секогаш можете да ги донирате парите во хуманитарни цели и да им помогнете на луѓето кои сигурно ќе ја ценат вашата донација. Така ќе се чувствувате убаво бидејќи сте направиле нешто корисно и нема да имате причина за расправии.
Конфликтите предизвикани од финансиските проблеми за време на празниците можеби ќе бидат тешки и напорни, но не заборавајте дека доколку сте во врска, треба да функционирате како тим. Бидете искрени и отворени околу вашите трошоци и на тој начин ќе успеете да ја зачувате хармонијата и мирот во врската.