Најдобри релакс совети за опуштање од работните обврски
После секоја пауза од работа, концентрацијата драстично се зголемува, а дневниот и годишниот одмор му се неопходни секому. Откријте кои се најдобрите начини за опуштање од стресот кој го предизвикува работата.
1. Тргнете се од екранот
Паузите и одморите се контрапродуктивни, ако додека ги правите истовремено проверувате мејлови, ги посетувате социјалните мрежи или сурфате на интернет, покажала студија од Универзитетот во Илиноис. Одморот кој вклучува движење, е најдобриот начин за полнење на батериите, тврдат научниците.
2. Пауза после секои 90 минути работа
После час и пол работа, концентрацијата драстично се намалува, па секое понатамошно работење е контрапродуктивно. За да ја избегнете оваа грешка и да ги наполните батериите, направете пауза од 10 минути, советуваат психолозите и додаваат дека таквиот циклус игра важна улога во функционирањето на најважниот човечки орган, мозокот.
3. Паузата нека биде во друштво
Одморот од работа е најдобро да го поминете во друштво, бидејќи тогаш се градат пријателски врски кои ја зголемуваат продуктивноста во работата. Луѓето кои со колегите пијат кафе и имаат добри колегијални односи на работа, се чувствуваат позадоволно, па поради тоа одлична идеја за одмор е разговорот со омилениот колега.
4. И дремката помага
Дремнувањето ја подобрува способноста за учење и меморирање, ја зголемува креативноста и продуктивноста. Оние во времетраење од 25-30 минути имаат најдобар ефект, советуваат стручњаците. Доколку не сте во можност да дремнете во текот на денот, направете го тоа откако ќе дојдете дома, но не преминувајте ја границата од половина час.
5. Одморот нека биде смислен
Најделотворни се паузите кои вклучуваат смирување и опуштање, во комбинација со длабоко дишење, медитација или јога. Тие овозможуваат максимално обновување на енергијата во краток временски период, поради што им се препорачуваат на луѓето кои работат стресна работа.
6. Редовно одете на годишен одмор
Колку на некој човек му е потребен одмор, зависи првенствено од видот на работата којашто ја работи. Истражувачите пресметале дека на луѓето во просек им недостасуваат цели 9 дена одмор, а дури 60% од луѓето работат и за време на годишните одмори. Имајте на ум дека дури и самото очекување на одморот, делува релаксирачки и го подобрува расположението.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.