Најдобар модел на обувки за секоја должина на здолниште или фустан
Здолништата и фустаните се дневни парчиња кои сакаме да ги носиме во секоја годишна доба и да ги комбинираме на најкреативни начини. Модниот свет нуди голем избор на модели, а клучот на добриот изглед лежи во нивното правилно комбинирање со останатите дневни парчиња, особено со обувките. Секој крој, поточно самата должина на здолништето бара одредени модели на обувки, кои доколку соодветно ги одберете, ќе изгледате како девојка од милион долари, но доколку погрешите, лесно можете да го уништите ефектот кој сте сакале да го постигнете. Погледнете го нашиот мал моден водич и дознајте кој тип обувки одговараат со различните должини на здолништа и фустани.
1. Мини здолништа и здолништа до половина бутини
Со оваа должина на здолниште одговара скоро секој модел на обувки, но најдобриот ефект ќе го постигнете со рамните и плитки модели, како летните сандали и балетанки. Во зимскиот период можете да носите длабоки чизми, но исто така и чизми над колена. Чизмите до глуждовите и оние до половина од листовите се резервирани исклучиво за девојките со долги нозе. Штиклите, исто така, не се исклучени, но треба да знаете дека носат опасност од евтин и премногу вулгарен изглед.
2. Здолништа до колена
Моделите до колена можат да изгледаат добро со рамни и со обувки на висока пета. Сепак, ако имате полна градба, одлучете се за високи потпетици. Чизмите до и преку колената се, и тоа како, посакувани во зимскиот период, но оние чизми до глуждовите би требало да ги избегнувате, бидејќи во комбинација со ова здолниште ги скратуваат нозете.
3. Веднаш под колената
Оваа должина на здолништата бара ИСКЛУЧИВО обувки со висока потпетица, бидејќи во рамните обувки ќе изгледате смешно и чудно. Комбинацијата на здолниште со должина под колената и рамни обувки визуелно ќе ја скратат вашата фигура. Без разлика дали станува збор за сандали, чевли или чизми, најважно е да имаат висока потпетица. Исто така би требало да ги избегнувате и полудлабоките чизми, како и чизмите до глуждови, без разлика дали имаат висока потпетица, бидејќи тие ќе го скратат изгледот на вашите нозе.
4. Миди здолништа
Миди должината на здолништа подразбира модел кој доаѓа некаде до средината на листовите. Како и претходната должина на здолништа, така и овие носат опасност од визуелно скратување на фигурата, па и за нив се препорачува да се комбинираат со обувки со висока потпетица. Сепак, ако имате витка фигура и долги нозе можете да ги носите и со рамни обувки.
5. Макси здолништа
Бидејќи овие здолништа во целост ги прекриваат нозете, па обувките не се гледаат, можете да ги носите со рамни, но и со обувки на платформа. Штиклите не се неопходни, бидејќи во суштина нема да се гледаат, а реално тие се и најмалку удобни од сите останати модели.