Најчести грешки при обликување на ноктите
Турпијата за нокти е предмет кој ќе го најдете во секоја женска торба. Ова помагало за убавина ги спасува ноктите во многу ситуации, но исто така со неправилно користење може да го уништи убавиот изглед на ноктите и нивниот квалитет. За да ги зачувате ноктите од кршење и лупење најбитно е да научите правилно да ракувате со турпијата. Изборот на турпии е голем, со разни облици, текстури коишто ни овозможуваат обликување, рамнење, чистење и полирање на ноктите. За да ги зачувате вашите нокти убави и уредни, избегнувајте ги овие три најчести грешки при нивното обликување.
1. Погрешен избор на текстура
Премногу агресивната турпија предизвикува лупење и кршење на ноктите, па затоа е многу битно да ја одберете соодветната текстура. Испробајте ја турпијата на кожата. Поминете со неа врз кожата и ако е груба за вашата кожа тогаш најверојатно ќе биде груба и за вашите нокти. Избегнувајте ги металните турпии, кои може да бидат премногу агресивни и поради нив ноктите да станат премногу тенки и кршливи. Турпијата е прегруба ако само со еден потег отстранува еден слој од ноктите и притоа остава нерамномерна површина. Овие турпии евентуално може да ги користите за кратење на ноктите или дефинирање на обликот. Потоа со меки турпии да ги обликувате, израмните и полирате ноктите.
2. Обликување во двете насоки
Ноктите никако не би требало да ги турпијате повлекувајќи ја турпијата лево-десно, туку треба да биде во една насока. Со ова ќе го спречите лупењето на ноктите. Најдобро е да започнете од работ на нокотот спрема средината, па потоа истата постапка од другата страна сè додека не го добиете посакуваниот изглед.
3. Премногу често полирање
Полирањето отстранува дел од плочката на нокотот што трајно може да го оштети, но и да го воспали. Не се препорачува честото полирање на ноктите, а најдобро би било тоа да се прави еднаш до двапати месечно. При полирањето се отстранува горниот жолт слој кој се создава доколку подолг временски период користите темни бои на лакови. За полирање на ноктите подобро е да користите стара турпија која станала помека.
Совет плус: После кратењето, чистењето и полирањето на ноктите, натопете памук во јаболков оцет и поминете преку ноктите. На овој начин ќе ги избришете ситните нечистотии и ќе ги подготвите ноктите за лакирање. Пред употреба на лакот, не протресувајте го, туку протријте го низ дланките бидејќи на овој начин нема да се создадат меурчиња кога ќе го нанесете.