На здравје лето!
Тешко е нам луѓето да ни се погоди нешто. На зима ни е ладно, а на лето неподносливо топло. И така сè во круг. Арно ама, иако сите по малку знаеме да измрчиме дека не е нормално што го чувствуваме мирисот на асфалтот како да ни се топи под нозе, летото ни годи. Ќе си планираме одмори, ќе пиеме коктели, ќе се пржиме на сонце, а во септември задолжително пишување состав на тема „Како го поминав летниот распуст?“.
Барем за мене, рецепт за совршено лето е: латино журки – добри книги – кафе со мраз – плажа – мирис на масло за сончање. Денес кратко ќе ве поздравам со моите 20 летни правила:1. Не муртете се, од сонцето се прават уште повеќе брчки.
2. Носете ги омилените парчиња облека и костими за капење – и самите не сте свесни колку сте прекрасни кога се сакате себеси.
3. Задолжително пробајте Sex on the beach (мислам на вотка, ликер од праска, сок од портокал и од брусница).
4. Јадете многу сладоледи.
5. Не заборавајте дека под зраците на сонцето сè е многу попривлечно (како на пример вашиот бронзен тен).
6. Заборавете на must do листите.
7. Не мочкајте во езеро/море/базен.
8. Аман, не шминкајте се за на плажа (по првото излегување од вода ќе бидете таман за на кастинг за улога на зомби).
9. Избегнувајте ги високите потпетици, со нив не можете да скокате на летните забави, журки, фестивали…
10. Пијте го кафето ладно.
11. Најдете песна која ќе ви го обележи летото (највисоко на мојата листа засега стојат Get lucky и Blurred lines).
12. Ако сè уште немате, направете си своја кореографија на Bomba од King Africa.
13. Понастрана од здодевни и негативни личности.
14. Не кршете многу срца (само неколку).
15. Ако не знаете да пливате – оваа сезона научете.
16. Секогаш носете си очила за сонце и шеширче.
17. Пијте многу вода.
18. Не заборавајте на млекото за сончање со висок заштитен фактор (барем при првите изложувања на сонце).
19. Заљубете се… во животот.
20. И секако, слушајте ги мама и тато.
На здравје лето 2013!
Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Ова не е колумна.