На кој начин потребата да им угодите на другите влијае врз вашето психофизичко здравје?
Дали го поминувате целиот свој живот обидувајќи се да ги задоволите сите околу вас? Многу луѓе поради потребата да бидат прифатени се подготвени да се променат себеси, да се откажат од соништата, да го послушаат мислењето на околината и често ги жртвуваат своите потреби само за да им угодат на другите… Дали се пронаоѓате во овие зборови? Ако одговорот е „да“, време е за промена.
Станува збор за луѓе кои се мотивирани од силната желба да бидат прифатени од други луѓе и им треба потврда од други луѓе. Тоа се обично несигурни луѓе со ниска самодоверба. Тие не знаат како да кажат „не“ на другите и често остануваат незадоволни или ја трошат сета своја енергија за да им го дадат на другите она што тие го сакаат.
Тука е важно да се направи разлика помеѓу великодушноста и желбата да им се помогне на сите. Човек кој го прави тоа од желба да биде прифатен или поради фактот дека би имал подобро мислење за себе се разликува од личност која прави нешто од чисто срце, а не поради желбата да остави впечаток.
Кога се обидуваме да им се претставиме на другите на начин што мислиме дека ќе им се допадне, всушност ја губиме нашата автентичност. Ова ни ја одзема храброста да го изразиме сопственото мислење, а најчесто ваквото однесување е резултат на минати трауми, семејни проблеми или токсични врски.
Често, жените се поподложни на овој модел на однесување, според експертите. Тие ставаат сè освен себе на листата на приоритети, а тоа најчесто го прават жените кои таков негативен модел на однесување го научиле во детството или го имитираат ставот на својата мајка. Таквиот пример е вообичаен во токсичните врски – кога човек ги става на чекање своите соништа и очекувања од животот, додека не исполни сè што сака и очекува партнерот.
Важно е да разбереме дека самите сме одговорни за нашите животи и да научиме како да поставуваме граници. Во ред е да сте на вашата листа на приоритети, во ред е да кажете „не“ кога не можете или не сакате да направите нешто, во ред е да научите нешто добро и убаво само за себе… Ако престанете целосно да се грижите за себе, нема да можете ниту да се грижите за другите. Освен тоа, ако постојано ги преземате обврските на партнерот или децата, тоа не само што ќе ви наштети, туку и ќе го попречи нивниот напредок и развој.
Доколку мислите дека сте личност која сака да им угодува на сите, време е да научите да кажувате „не“. Ако справувањето со таква промена е предизвик за вас, важно е да побарате помош од терапевт. Бидете тоа што сте и што сакате, а не она што околината очекува од вас. Вие сте одговорни за вашиот живот.
Откако прочитавте како потребата за угодување на другите може да влијае врз вашето психофизичко здравје, можеби ќе сакате да прочитате и како да престанете да се грижите за она што луѓето го мислат за вас.
Извор: sensa.mondo.rs