На кој начин гордоста може да биде нешто позитивно за вас?
Никој не сака фалбаџија, па гордоста може да биде меч со две острици. Кога не сте доволно горди, ви претставува проблем да се чувствувате успешно. Ако сте премногу горди, луѓето ќе мислат дека сте нарцис. Па дали постои момент кога гордоста е нешто позитивно?
Кога гордоста ќе тргне во погрешна насока
Сигурно веќе знаете дека ништо претерано не е добро, вклучувајќи ја и гордоста. Гордоста најчесто е негативна бидејќи го нагласува егото на сметка на групата. Претераното восхитување може да го зголеми егото на една личност и да создаде потреба од надворешно признание. Ако ви е потребно надворешно восхитување за мотивација, ќе ви биде навистина тешко самите да се мотивирате. Ако уживате во незаслужено восхитување, може да создадете навика на фалење со цел да ви се восхитуваат уште толку.
Луѓето кои се премногу горди често се чувствуваат супериорно во однос на другите. Често овие луѓе не бараат помош, а ова им го прави животот мизерен. Поради овие причини, речиси никој не сака да биде во друштво на премногу горда личност.
Сепак, гордоста не мора секогаш да биде толку лоша. Сосема во ред е да се восхитувате и да ви се восхитуваат кога тоа е заслужено. Важно е да покажете почит кога некој ќе направи нешто добро и исто важно е да ве почитуваат. Сè додека луѓето го прифаќаат восхитот на другите со рамнотежа од гордост и скромност, нема ништо лошо во тоа да го добиете потребното признание за добро завршената работа.
ПРИЧИНИ ЗА УЖИВАЊЕ ВО ПОЗИТИВНАТА СТРАНА НА ГОРДОСТА
1. Ќе имате високи стандарди
Луѓето кои се горди на својата работа многу често имаат подобри резултати.
2. Ќе ја отстраните негативноста
Кога нешто не оди по вашиот план, ќе ви биде потребна гордост за да продолжите понатаму. На некој начин, гордоста ве прави отпорни.
3. Тоа е знак дека се грижите
Ако не сте горди со она што го работите, голема е веројатноста дека не ви е грижа за тоа.
4. Гордоста поттикнува лидерство
Кога навистина се грижите за нешто, сакате да се борите за тоа. Ако на некој проект, организација или место му се заканува нешто, гордата личност ќе ја преземе улогата на лидер за да го заштити.
5. Гордите луѓе се грижат за своите семејства
Ако сте горди на вашето семејство, ќе направите сè за него. Ќе сакате да им ги дадете најдобрите нешта и нема да дозволите да страдаат во лоши услови.
КАКО ДА ЈА КОРИСТИТЕ ГОРДОСТА ВО ВАША ПРЕДНОСТ?
Сè додека ги негувате позитивните аспекти на гордоста и внимавате на вашето его, таа може да ви биде од помош. Запомнете, да бидете горди значи да си поставите високи стандарди, да живеете според нив и да го избегнувате нарцизмот.
Дружете се со вистинските луѓе
Постојат многу начини да ја негувате гордоста и да ја избегнете себичноста. Опкружувањето со вистинските луѓе може навистина да ви помогне во одбирањето на правиот пат. Постои изрека според која вие сте сумата на 5-те луѓе со кои поминувате најмногу време. Вистинските луѓе се оние кои ќе ве поддржуваат и охрабруваат. Луѓе кои нема да ви се восхитуваат ако не сте заслужиле и луѓе кои нема да го полнат вашето его.
Останете скромни
Можете да бидете горди, а сепак да покажете скромност. Само затоа што сте направиле нешто добро, не мора да значи дека треба да се фалите и да барате признание. Прифатете го знаењето дека сте го дале најдоброто од себе без да барате признание од надворешни извори.
Пробајте нови работи
Кога пробувате нови нешта, си давате дозвола да не бидете најдобри. Без разлика дали ќе пробате нешто креативно или ќе научите некоја нова вештина, одберете нешто надвор од удобната зона. Ова ќе ве потсети како изгледа да бидете почетник, а кога ќе ја совладате вештината ќе се чувствувате гордо.
Правете го она што го сакате
На луѓето им е потребно надворешно признание кога не се задоволни со она што го работат. Ако ја мразите вашата работа, можно е да го зголемите вашето его за да се заштитите од негативните чувства. Работата не мора секогаш да биде забавна, но треба да ви причинува задоволство без постојано да барате награда.
Размислете за себе
Размислете кои сте, што цените и како мислите дека треба да ви се одвива животот. Размислете за тоа како се чувствувате. Дали забележувате дека вашата гордост преминува во себичност? Набљудувајќи ги своите чувства ќе се прилагодите пред гордоста да направи штета во вашиот живот. Направете план кога мислите дека вашето его станало нездраво. Ако не можете самите да ги забележите овие работи, разговарајте со пријател или кој било кому му верувате.
Направете нешто надвор од себе
Искористете ги вашите вештини за да им помогнете на другите. Можете да обучувате некој нов колега, или пак да волонтирате во некоја добротворна организација. Служењето на другите ќе ве држи приземјени и ќе му даде значење на вашиот живот. Дури и ако немате многу време, можете да го направите светот подобро место со мали нешта.
Во ред е да чувствувате гордост
Нема ништо лошо во тоа да верувате во вашите способности и да се чувствувате добро кога успешно ќе завршите некоја работа. Но како што напредувате, не заборавајте да останете приземјени.
Знаете ли што се случува со личноста чие его преовладува?