Можеби тој е целиот ваш свет, но дали вие сте неговиот?!
Љубовните односи најчесто не се рамноправни. Некогаш повеќе давате, помалку добивате. Меѓутоа кога давате сè, а добивате трошки, колку долго ќе издржите само затоа што вие сте таа која сакате, се грижите, вложувате и се посветувате?
Во суштина, најважно е она што вие го чувствувате. Но, дали сопствените чувства ве исполнуваат толку многу што неговите не се важни? И ако е така, дали знаете дека тоа ќе се промени? Ќе дојде момент кога ќе ви биде доста од тоа и сè во вас ќе се побуни поради таа неправда.
Тешко е односот во кој тој е целиот ваш свет, а вие нему не сте му толку важни, да опстане, а притоа вие сосема да не се деформирате. Да се откажете од самопочитта, вашите соништа и цели и од потребата некој да ве почитува, да го храни вашето его и вашите чувства и да чувствувате дека сте заедно во тоа…
Бидејќи на мажот на кој сте му резерва, на кој со вас му е удобно, кој ве зема „здраво за готово“, ви ја препушта целата емотивна работа и смета дека е доволно тоа што е со вас (иако може во секој момент да замине), не е во состојба да се однесува со вас на начинот на којшто вие сакате.
Вие нему сте му моментална состојба. Привремена. Тој може да најде подобра (иако тоа никогаш не го направил) и тој е целосно свој. А вие сте негова. Готова работа, за која тој воопшто не размислува. Зошто би му било грижа како вие се чувствувате? Што воопшто сакате од него, па тој не глуми нешто што го нема?
Добро прашање, би било добро да си го поставите на себе.
Немојте да мислите дека ќе го придобиете со вашата љубов. Тој не е против вас, тој веќе е придобиен. Крајно му е удобно со вас. На кого не би му било удобно со некого кој дава сè од себе и се труди да го задоволи другиот? Да биде она што му е потребно на другиот, да не му пречи и да му овозможува сè што му треба…
Се гледате ли себеси како жртва? Дали започнавте да уживате во улогата на светица и маченица? Или почна да ви станува тешко? Дали ви доаѓа да излезете на улица и да заминете со првиот минувач кој ќе наиде, бидејќи се чувствувате запоставени, несреќни и бесни? Дали фантазирате како вашиот партнер, вашата најважна личност умира и вие конечно сте слободни?
Секоја од овие фантазии значи дека сте ја прескокнале границата на реалноста, сте го зголемиле нивото на стрес до небото, дека сте заборавиле на себе и дека под итно ви е потребно да се сетите кои сте, што сте, колку сте – и поради што е сето тоа.
Најпрво разгледајте го односот на силата и својата позиција. Дали имате некоја компензација, сатисфакција, психолошка добивка? Го знаете она, јас сум во неповолна позиција и правам сè за својата љубов и за нас, а во суштина сум вампир кој ја цица енергијата од својата жртва, владеејќи со својата слабост? Или пак, колку е тој полош кон мене, јас сум сè подобра и нешто во мене се храни со фактот дека сум подобра од тој гад (бидејќи од некој добар не би можела да бидам подобра). Или – сигурна сум дека тоа е љубов, бидејќи така беше и помеѓу моите родители.
Дали сте спремни да бидете толку чесни кон себе?
Бидејќи ако сте, тогаш можете и повеќе и подобро од тоа и тоа многу лесно, без жалење и вртење наназад за потрошеното време и енергија.