Моќта на поставувањето прашања на самите себе
Луѓето имаат неверојатна способност за насочување на своите мисли, емоции, навики и врски кон себе. Токму оваа самосвест нè прави интелигентни и ни овозможува успешно да се адаптираме на нашата околина. Една од најкорисните „алатки“ кои ги поседуваме е моќта да си поставиме прашања сами на себе.Можеби ви изгледа логично дека би требало да ги знаете одговорите на сите прашања за себе, па тогаш која е целта за нивното поставување? Вистината е дека овие прашања можат да ни помогнат да размислуваме на нови начини, кои ќе нè насочат кон одговори кои не се веднаш видливи и очигледни. Поголемиот дел од нашето размислување се случува несвесно. Но, со поставувањето на прашањата ги донесуваме овие внатрешни мисловни процеси во „центарот на настаните“.
На пример, одберете некое ваше цврсто верување и пробајте да го анализирате преку наредниве неколку прашања:
- Зошто го имам ова верување?
- Со какви докази можам да го поддржам ова верување?
- Како ова верување влијае на начинот на кој размислувам?
- Како ова верување влијае на начинот на кој се чувствувам?
- Како ова верување влијае на начинот на кој дејствувам?
- Како би можело ова верување да е погрешно или бескорисно?
- Кои други верувања би можеле да бидат вистинити?
- Каков вид докази би можеле да го променат ова верување?
- Како би можела промената на перспективата кон ситуацијата да го промени моето верување?
- Какви други верувања би можеле да бидат покорисни?
Ваков вид прашања можете да си поставувате на себеси за да откриете повеќе за начинот на кој вашиот ум функционира. Нема потреба да ги имате сите одговори, но добро е ако се потрудите најмногу што можете. Доколку сметате дека е потребно, составете свои прашања кои ќе ви помогнат да навлезете подлабоко во вашиот мисловен процес. Предизвикајте се себеси. Преземете ја улогата на „адвокатот на ѓаволот“. Испрашувајте се себеси исто како што би разговарале со непознат.Голем број од одговорите на најважните прашања во животот мораме да ги пронајдеме ние самите. Не можеме да очекуваме дека другите ќе можат да ги одговорат наместо нас. На пример, секој би требало сам да го знае одговорот на прашањата како:
- Кој/а сум јас?
- Што е тоа што навистина го вреднувам во животот?
- Што значи „среќата“ и „успехот“ за мене?
- Што можам да направам за да се подобрам себеси?
- Каде се замислувам себеси за 5, 10, 20 или 50 години од сега?
- Што е добро, а што лошо?
- Ако денес ми е последниот ден од животот, за што би се каел/а?
- Што во мојот живот не би го продал/а за ниедна сума пари во светот?
Ова се неколку одлични прашања кои можеме да го употребиме за подобро да се запознеме себеси. И тие се само почеток. Сè на сè, зависи од вас и вашиот ум за да одлучите што навистина вреди подетално да се истражи и анализира. Можеби имате проблем на факултет, на работа или дома за кој што е потребно да одвоите повеќе време…
Психолозите сметаат дека поставувањето на вистинските прашања е поважно од тоа да ги имате сите одговори. Како прво, затоа што никогаш никој не може да ги има сите одговори. И како второ, вистинските прашања имаат моќ да го натераат нашиот ум да размислува на нови и подобри начини кои ќе ни помогнат да сфатиме нешто што претходно можеби целосно сме го игнорирале…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.