Мохито од ананас на скара
Сакате да направите летна коктел-журка во вашиот двор? Научете како да правите мохито од ананас на скара и изненадете ги вашите пријатели со една незаборавна забава.
Потребни состојки за еден коктел:
- 7-8 ливчиња нане
- 1 супена лажица (или повеќе) кафеав шеќер
- ¼ лимета (зелен лимон)
- повеќе од 5 коцки кршен мраз (за да се наполни чашата)
- 60 мл ананасов сок (свеж или конзервиран)
- 50 мл бел рум
- газирана минерална вода
- 1 тркалце ананас потпечено на скара
Начин на подготовка:
Во поширока висока чаша ставете го нането, шеќерот и лиметата и со толчник убаво истолчете ги за да се претворат во кашеста состојба. Додадете го кршениот мраз, а потоа сокот од ананас и белиот рум. До врвот на чашата наполнете со газирана минерална вода. Преклопете ја чашата со вашата дланка и над мијалникот превртете ја за да се измешаат состојките. За да му дадете тропски шмек на вашето мохито, загрејте ја скарата 5 минути и ставете едно тркалце ананас да се потпече 3-4 минути. Потоа исечкајте го на 4 парчиња и додадете го во чашата. Послужете го вашето тропско мохито од ананас со сламка и украсете ја чашата со резанка ананас.
Забелешка: Доколку немате машина за кршење мраз, ставете неколку коцки во кеса, држете ги дршките со едната рака, а со другата кршете го со помош на чукче за толчење. Ако сакате мохитото да го направите со свежо цеден ананас, а не знаете како да ја излупите неговата кора, погледнете го видеото. Откако ќе го исечкате на коцки, ставете го во блендер и ќе добиете ананасов сок.
Потсетете се и на рецептот за правење мохито од јагоди.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.