Модниот свет на Алек Наумовски: Стилот на младите влече корени од домашното воспитување
Алек Наумовски е еден од најпознатите машки топ модели кои постигнале значаен успех надвор од границите на нашата земја. Тој е еден од основачите на модната агенција Моделс Ин од каде што секојдневно излегуваат врвни модели, манекени и манекенки. Не може, а да не се забележи, дека Алек има навистина изострено чувство за мода, па затоа ние решивме да ѕирнеме во неговиот моден свет и да дознаеме нешто повеќе за неговиот стил на облекување.
Можеби ќе се изненадите, но Алек е љубител на ахроматската палета на бои и минимализмот.
„Боите кои секогаш доминираат во мојата гардероба се црно, бело и евентуално сиво. Стилот се гради низ годините. Експериментирањето со модните парчиња облека е далечно минато. Сега, од оваа дистанца, би рекол дека мојот стил е минималистички со доза на спортски и кежуал варијанти. Сметам дека во гардероберот на секој маж треба да има црно сако, добар пар фармерки и внимателно одбран часовник“, открива Алек.
Несомнено е дека Алек има извонреден стил на облекување, но колку е важно да се биде убаво облечен и да се следат модните трендови во денешно време?
„Никој не треба слепо да ја следи модата, туку да го извлече она што му се допаѓа и да го вметне во својот начин на живот. Нема потреба да имате многу пари за да изгледате убаво. Многу поважен е изборот на неколку вистински парчиња кои ќе бидат добро искомбинирани. Добриот стил веднаш се препознава и со оглед на тоа што нема втора шанса за прв впечаток, убавиот начин на облекување секако помага луѓето да ве доживеат како оригинални и доследни индивидуи“, советува Алек.
Како менаџер на модна агенција, Алек е секојдневно во контакт со различни момци и девојки, а тоа му овозможува да гледа како се облекуваат младите и каков е нивниот стил. Па така, тој ни откри дали македонската младина знае да се облече и кои се нејзините најчести модни грешки…
Стилот и културата кај младите луѓе влечат корени од домашното воспитување
Убавиот изглед и скапата облека не можат да надоместат за лошото однесување. Манирите се на прво место кога станува збор за оставање позитивен впечаток.
„Стилот и културата кај младите луѓе најчесто влечат корени од домашното воспитување. Уште на самиот почеток, можам да забележам како младите комуницираат со другите и дали се културни. Тоа се препознава дури и по нивната гестикулација“, објаснува Алек.
Младите кои имаат одлично домашно воспитување, знаат како да се однесуваат, но и што да облечат. Добриот стил на облекување и културата одат рака под рака и претставуваат совршена комбинација со која не можете да згрешите.
Дозволено ви е да излезете од дома несредени, но тоа не смее да ви стане навика
Дали ви се случило да доцните на работа или во училиште и да излезете од дома во тотален хаос, затоа што не сте имале време да се средите? Алек смета дека тоа е сосема нормално и прифатливо, сѐ додека не прерасне во навика.
„Апсолутно може да се случи да немате време и во брзање да излезете од дома во хаос, но верувајте дека хаосот е само во нашата глава. Никој друг не би ве забележал, бидејќи живееме во време кога сите се многу повеќе преокупирани со себе отколку со вас и вашиот изглед. Секако дека може да се случи тоа инцидентно, но не треба да прерасне во навика“, смета Алек.
Нареден пат кога ќе излезете бушави, без шминка и со стуткана облека, не грижете се. Никој не ве гледа и никој нема да ви замери доколку одвреме-навреме му дозволите на хаосот да завладее со вашиот изглед.
Продолжете на следната страница за остатокот од текстот…