Моден Викенд Скопје, есен/зима 2014: Спој на елеганција, гранџ и авангарда
Модна куќа Хера
Гламурозни вечерни тоалети, комбинезони и фустани со детали од кристали, бисери и пердуви се само дел од карактеристиките кои најдобро ја доловуваат сликата за женската силуета. Доминантни бои беа огнено црвената и црната кои придонесуваа за уште поголема мистичност на самоуверените манекенки.
ЈЗЈ – Златко Јовановски
Иако за првпат се претстави на модниот викенд во Скопје, младиот 19-годишен моден блогер и дизајнер успеа да измами воздишки и бројни аплаузи со неговата колекција наречена „Страшниот Суд“. Инспириран од истоименото дело на Микеланџело, Златко Јовановски ни донесе една бајковита приказна поделена на 2 дела: во првиот дел луѓето не знаат дали ќе одат во рајот или во пеколот, а потоа следува делот во кој умираат и одат во рајот. Фустаните кои одлично ѝ прилегаа на женската силуета, судирот помеѓу барокот и класицизмот, нежните материјали и благата ексцентрика по која дизајнерот ѝ е познат на јавноста, се главните причини за неговиот огромен успех.