Моден Викенд Скопје, есен/зима 2014: Спој на елеганција, гранџ и авангарда
Фотографија: Христина Трајкоска
На 10-тото јубилејно издание на Модниот Викенд Скопје, имаше бројни познати македонски имиња, но и такви кои за првпат се претставија во рамките на FWSK. Панк и гранџ, софистицираност и елеганција, авангарда и футуризам се само дел од епитетите кои го опишуваат овогодишниот моден викенд.
Во продолжение – дел од она што го забележа нашиот тим на настанот.
Јован Петровски
Панкот и антикомформизмот се токму она што најдобро ја опишуваат оваа колекција. Богатите материјали кои претежно доминираа во темните нијанси, експлозивната сина и виолетова боја, кожните пантолони и мартинките одлично ја доловија панк сцената од 90-тите. Спротивно на тоа, чистите силуети, залижаните ниски репчиња, кошулите во комбинација со тесни здолништа покажаа дека жената може да изгледа професионално, а сепак да ја изрази нејзината бунтовна страна. Минималистички накит во комбинација со течен ајлајнер кој ги украсуваше очите на бројните манекенки како и side-cut фризурите ја направија оваа колекција драматична. Интересните кошули со странични јаки и предни исечоци како и сакоа-елеците донесоа еден вид револуција во светот на модата и го подигнаа нивото на ексцентрика. Преку неговата облека, Петровски нѐ врати во времето на 90-тите и нѐ натера да се побуниме на системот.
Јована Филоповиќ
Визијата на Јована Филиповиќ за модерната жена се граничи помеѓу бизнис-шик и грчка божица. Фустани во грчки стил со елегантна текстура и богати бои како златна, бела и црна одлично ја исцртуваа женската силуета. Материјалите варираа од лесни, лелеави и проѕирни, до тешки и густи во мрачни бои како виолетова и црна. Манекенките имаа ретро локни и високи репчиња со едноставна шминка која совршено ги истакнува карактеристиките на женското лице. Светкавите марами и деталите на убавите капути го вратија гламурот на голема врата, а елеганцијата и софистицираноста се главна причина кои прават оваа колекција да им парира на светските дизајнери.