Митот за протеините: Разбивање на предрасудите за веганството
Веганскиот и вегетаријанскиот начин на исхрана стануваат сè попопуларни. Многу луѓе се откажуваат од храната со животинско потекло поради етички причини, а некои пак го прават тоа за да го подобрат нивното здравје. Но сите вегани и вегетаријанци се соочени со прашањето за недостаток од протеини, за кои наводно најдобар извор е храната со животинско потекло. Па дали всушност има простор за грижа?
Дали ни се неопходни животинските протеини за да бидеме здрави?
Одговорот на ова прашање е не. Според непрофитната организација American Heart Association, секојдневното консумирањето неколку видови житарки, овошје и зеленчук целосно ја задоволува потребата на организмот за сите неопходни аминокиселини. Сепак, важно е оброкот да биде разновиден, а внесот на калории да ги задоволува енергетските потреби. Житарките, мешунките, зелениот зеленчук, семињата, сусамот и јаткастите плодови се најдобар извор на растителни протеини.
Дали вегетаријанската храна е „без вкус“?
Многу луѓе веруваат дека растителната храна нема вкус, а ова е уште еден од најголемите митови за веганството. Во веганската исхрана не спаѓаат само оризот и зеленчукот и таа е сè освен еднолична. Постојат многу намирници кои воопшто не би ги пробале доколку јадете месо. Овде спаѓаат тофу, кускус, алги, леблебија, вегански плескавици од печурки… Опциите се навистина без број, а вкусовите неверојатни.
За жал, веганскиот и вегетаријанскиот начин на исхрана сè уште се гледаат како жртвување наместо како животен стил. Многу луѓе ги сметаат за одрекување, а не за последица на внатрешните потреби и желби. Постои и верување дека овој начин на исхрана не е здрав за децата, што повторно не е вистина. Доколку исхраната е разновидна, не би требало да се појави никаков проблем ни кај децата, ни кај возрасните.
Доколку сте одлучиле да му дадете шанса на овој начин на исхрана, погледнете ги намирниците што треба да ги консумирате наместо месо.