Мажите не треба да го држат лаптопот на нивните бутови
Современиот начин на живот за многу луѓе е незамислив без да се постојано „врзани“ за безжичен интернет, но мажите кои еден ден планираат да имаат деца, треба да внимаваат на кој начин ги користат своите лаптопи. Според најновите истражувања, Wi-Fi технологијата го оштетува квалитетот на спермата и поради тоа, на мажите им се препорачува да не ги држат преносните компјутери во близина на нивните репродуктивни органи.Научниците уште поодамна имаат откриено дека самата топлина која ја емитува лаптопот е штетна за спермата, а канадските истражувачи минатата година дојдоа до резултат дека радијацијата од безжичниот интернет го забавува движењето на сперматозоидите и го оштетува генетскиот материјал. Сомнежите ги потврдија нивните колеги од Аргентина, предводени од Конрадо Авендано од Центарот за Репродуктивна Медицина во Кордоба, кои забележале дека кај спермата од здрави мажи ставена под лаптоп кој е врзан за безжичен интернет, „пливачите“ повеќе не пливаат.
За истражувањето, научниците земале сперма од 29 мажи на возраст од 26 до 45 години и некои примероци ги лоцирале под лаптопи врзани за безжичен интернет, а други настрана од компјутерите. Притоа лаптопот преземал и пренесувал информации од интернет во текот на четири часа.
На крајот од експериментот, 25% од спермата која била ставена под лаптопите престанала да се движи и имало 9% оштетеност на генетскиот материјал. За споредба, само 14% од спермата која се чувала настрана од безжичниот интернет престанала да се движи, а забележан е само 3% оштетеност на генетскиот материјал.
.
„Нашите резултатите покажуваат дека користењето на лаптоп компјутерите кои се врзани преку Wi-Fi на интернет и се позиционирани во близина на машките репродуктивни органи, можат да го намалат квалитетот на човечката сперма. Во моментов не знаеме дали ваквиот ефект е предизвикан од сите лаптопи кои се поврзани на безжичен интернет, ниту дали други фактори дополнително го влошуваат ваквото штетно влијание.“ – објаснува тој
Авендано смета дека безжичната конекција создава електромагнетна радијација која што ја оштетува спермата.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.