Мартина Димоска зборува за борбата на оние поразличните кои не припаѓаат во границите на „нормалното”
Мартина Димоска, попозната како Марта, е алтернативен модел и научник, што ги руши сите граници! Таа покажува дека секој може да ги оствари своите соништа, ако е доволно упорен и желен да стигне до крајот. Дури и ако тие соништа се можеби нешто што светот не го перципира за убаво, вредно или едноставно „нормално“. Прочитајте ги нејзините отворени и искрени одговори на нашите прашања и наполнете се многу позитивна енергија – таа ќе ве потсети дека целиот свет е ваш за освојување!
View this post on Instagram
1. Што поточно значи алтернативен модел? И како оваа бранша од модниот свет е прифатена во Македонија, а како надвор од неа?
Алтернативен модел е гранка во модната индустрија којашто има модели што не се во согласност со типичните стандарди за убавина. Алтернативните модели често претставуваат нишка што е специфична или пак, во нивното артистичко изразување има комбинација од примеси како што се пинап, винтиџ, гот, панк, рок, рокабили движењата и слично. Целта на еден таков модел е да ја долови супкултурата во којашто припаѓа и се пронаоѓа, а супкултури има премногу, од стимпанк до фетишизам.
Алтернативните модели често може да имаат многу тетоважи, модификации на телото, пирсови, изразена боја на коса или пак некој стил на коса типичен за некоја супкултура како мохавк (четка) или суканици.
Секако, ова е објаснување по општо прифатена дефиниција. Меѓутоа јас не сум човек што сака да класифицира, да карактеризира или да осудува што е што затоа што сметам дека токму убавината на алтернативата доаѓа од комбинирањето и различниот начин на изразување од остатокот на општеството.
Во светот, алтернативната мода имаше значително мејнстрим медиумско влијание во последнава декада затоа што се популаризираа многу супкултури коишто зазедоа поголем замав. Сами сме сведоци дека големи брендови црпеа инспирација и пласираа винтиџ и ретро инспирирани колекции и не само винтиџ и ретро конкретно, туку забележлив беше и бранот на нео-гот, панк-рок и пост-апокалиптично инспирирана гардероба што потсетува многу на видео игрите од перспектива на „first person shooter“. Косплејот направи бум како и нерди стилот што порано бил исмејуван, а сега е еден од основните изгледи што еден блогер „мора“ да ги поседува.
Македонија е многу мал пазар и тука почнав како прв алтернативен модел, но сепак да не почнев со соработки и брендови од странство и да не добивав поддршка од надворешни популарни алтернативни модели и списанија, ништо немаше да биде возможно. Како народ, ние знаеме да не си го цениме нашето и најчесто полесно е да се пробиеме откако ќе нè признаат надвор. Во тој случај, кога ќе се вратиме дома сме „вау“, иако сме го правеле истото и претходно, а сме биле исмејувале поради тоа.
Почетоците беа предизвикувачки затоа што имаме многу помала толеранција за новини од таков тип. Секако, не би рекла дека ниту сега е нешто подобро затоа што не само што не може да профитираат доволно нашите модни блогери тука, туку и соработката и поврзувањето не оди во најдобро светло. Во странство соработки меѓу блогери, на пример, се случуваат за да се сподели една фан база со друга, а тука некако тоа потешко им оди. Иако брендовите се освестуваат во последно време и знаат дека публиката што мене одлучила да ме следи е вредна и достоинствена иако е поразлична, сепак гледам дека во Македонија дури ни „plus size“ индустријата не е во подем, па што останува тогаш за алтернативниот моден свет?
Чест на исклучоци, како на пример, дизајнерите што на претстојниот моден викенд излегоа со прекрасни ревии за инклузивност и соработките што се случуваат со цел да се подигне свеста дека не постои само еден стандард на убавина и дека е многу обликуван низ историјата. Се надевам дека нештата ќе се сменат и ќе научиме дека ни треба реална публика, многу квалитетни и креативни содржини, а не купени лајкови.
View this post on Instagram
2. Иако живееме во 21 век, сепак светот сè уште ја асоцира убавината со слабите женски тела и правилните црти на лицето. Како алтернативен модел, со какви потешкотии се справуваш на дневно ниво и како успеваш да ги надминеш?
Бидејќи сум по природа сум личност што многу набљудува и добро го познавам мојот физички изглед, свесна сум дека не припаѓам во класичните црти на убавина. Кардашијанкиве го менуваат нарко-чик изгледот што беше популарен на чело со Хајди Клум, и тоа е супер, но сметам дека е реткост да среќавате секојдневно луѓе што имаат свои цврсти ставови за тоа што е убаво, строго според нив и никој друг, затоа што сепак медиумите навистина знаат да влијаат. Дефинитивно треба силен карактер, доволно развиена свест за да знаете што сè е наметнато, колку вредите како личност, кои биле трендовите низ историјата на човештвото и што сè се перципирало како убаво пред да влезете во кој било моден свет. Затоа што сепак е суров, суетен, токсичен и знае да ви ја исцеди енергијата и да ве удри по психа. Ќе мислите дека не сте доволно добри, ќе се споредувате и ќе ви се уништи самодовербата ако не знаете колку впрочем тие самите не знаат.
Како надоврзување на тоа, би рекла дека издржувам со тоа што критиките, предрасудите и негативната енергија ја исфрлам заедно во смеа со пријателите, особено оние во слична или иста индустрија, што добро го имаат разбрано нештото и се навистина модно начитани, но и спремни психолошки, затоа што знаат да направат добра дистинкција за што е што, па да излезе добро смеење од мислењето на другите бидејќи многу ретко наидуваме на конструктивна критика.
View this post on Instagram
3. Каков совет би им дала на момците и девојките што не се чувствуваат удобно во своето тело? Како да ја пронајдат одамна изгубената љубов за себе и како да престанат да паѓаат под влијание на туѓото мислење?
Сметам дека имаме само еден живот, и би ги советувала да гравитираат кон луѓе што ја делат нивната позитива, нивната енергија и што им ја препознаваат душата. Бидејќи науката ми е во кората на моето постоење можам да кажам дека сме многу минорни во споредба со универзумот. Според тоа, треба да вложуваме многу повеќе во научна едукација, затоа што така ќе правиме компарација не со личности, туку со нешто многу поголемо и пофасцинантно, па наметнатите комплекси ќе станат крајно неважни. Дефинитивно треба некој вистински да сака да има убав живот за да вложи во развивање на својата свест, да чита многу психологија за да се спознае себеси, да ја „набилда“ својата емотивна интелигенција и да шири искрена љубов кон нештата што вистински ги сака, а не кон оние што се моментално наметнати или „кул“.
Нашето тело константно се менува, не постои совршенство и многу често самите сме си криви за нашите лоши последици зошто сме направиле многу нездрави избори. Секако, човек учи додека е жив и нормално дека никој од нас не е безгрешен, само ни треба едно сигурно катче каде што ќе бидеме свои и сакани за да може да прераснеме во подобри луѓе. А понекогаш тоа катче самите треба да си го креираме.
View this post on Instagram
4. Забележав дека си и научник во областа на нанотехнологијата. Дали и тука наидуваш на некакви потешкотии затоа што си жена (и модел) или пак, сè што бараат научниците е знаење?
Оу, колку само да! Во Америка сменив едно 20 бои на коса, во секакви можни форми затоа што од дете сакав да ги пробам брендовите на фарби „Мanic Panic“ и „Ion“ а учев на најтешката насока, Воздухопловно инженерство, па никому не му беше гајле за моето хоби, мојот чуден стил и моите различни бои на коса секоја недела. Се чувствував како мојот изглед, тело и лик да се невидливи. Се чинеше дека тоа што го перципираат се моите идеи, мојот мозок и мојата душа. Беше толку ослободувачко искуство. Но, можеби ми се посреќило, можеби мојот кампус беше еден од ретките каде што немав ни ронка дискриминација, што можеби и би било чудно затоа што скоро сите колеги имаа воена позадина, беа или маринци или пилоти и јас бев единственото девојче во класот. Нејсе.
Тука работите се драстично поинакви. Не смее девојка да е и убава и паметна. Мора да има позадина, како може самата да се изградила? Мора нечесно да е заработено нејзиното место. Сум била дискриминирана не само од мажи, туку уште пострашно и од жени што се претставувале „светски“ ама светот за жал бил многу далеку од нивното его.
Оговарањето и осудите ни се секојдневие и не растеме од тоа. Дури и јас во самиов текст осудувам и се нервирам кога го правам тоа. Сакам да имам поголемо разбирање дури и кон луѓето полни со негативна енергија.
Уште од дете сум и креативна, па од малечка се дружев со фотографијата, читањето и науката. Тоа ми е скоро вродено. Многу ми беа чудни тие коментари од типот на: „Не можеш/не смееш и двете, мораш да се одлучиш за едно. Или инженер или пукај креатива“. А бе, ајде? Види како се можело.
На почетокот бев многу изненадена, счудоневидена. Си мислев дека е разлика на генерации, дека одбивен им е менјстримот што тогаш ги оправдуваше барем моите чудни стилови затоа што беше во бум фаза. Но подоцна сфатив колку се закржлавени и не можев да ги сфатам нивните коментари сериозно, ниту пак ми придаваа некаква вредност или значење. Не ми требаше нивна валидација, одобрување ниту пак забрана за да бидам своја, затоа што знаев колку се мали нивните познавања.
View this post on Instagram
5. Како според тебе можат да се поттикнат девојчињата да размислуваат повеќе за кариери во науката, наместо постојано да потпаѓаат под влијанието дека треба да се држат до „поженствените“ професии?
Мислам дека сè е до домашното и училишното воспитување. Ние како луѓе имаме потенцијали за многу работи, но самата околина ни ги обликува или нагласува. А многу луѓе поаѓаат од околината и би направиле сè за да се вклопат.
Искрено, премногу сум благодарна на моите родители затоа што никогаш не ми ја скратиле мојата „посебност“. Всушност, дури и ја потенцирале. Татко ми бидејќи немаше син, никогаш немаше проблем со мене да ги прави сите оние „машки“ работи што се типични за Балканскиот татков однос кон синот. Мене најискрено ме интересираше сè околу местењето струја, градењето, составувањето и склопувањето и околу неговите гејмерски денови и научно фантастични филмови. Мајка ми од друга страна, како премногу креативна личност, ми ги пренесе нејзините перцепции за финеса и убавина. Тука беа и моите баби и дедовци, вујковци и вујни што ми пренесоа бескрајни животни вредности, што од познавања од техника, а што од бонтон и никогаш не ги зедов здраво за готово.
Јас сум тоа што сум многу повеќе поради мојата прекрасна креативна фамилија отколку поради околината што ме лимитирала. Не дека секогаш цветаа ружи, но мојот индивидуализам и мојата посветеност доведоа до тоа да бидам прифатена, сакана и толерирана за тоа што вистински сум и тоа што бев уште како дете.
Тука беа и сите оние што наидоа на мојот пат да ме научат на добри или лоши лекции, но најважни беа луѓето што ја препознаа мојата енергија и ме поддржуваа и вложуваа во мене бескрајно за да станам ова што сум. Секогаш ќе имаат посебно место во мојата душа.
View this post on Instagram
6. И за крај, кој е најдобриот совет што некогаш си го добила за успех во животот? Сигурни сме дека нашите читатели би сакале да дознаат што е потребно за да веруваме во себе и да не престанеме да се обидуваме да ги оствариме нашите соништа.
Имаше еден натпис што го прочитав многу одамна и гласеше вака – „Be so good they can’t ignore you“ (Бидете толку добри, што тие нема да можат да ве игнорираат). Но тоа не е сè, потребно е да сте добар човек, човек што има трпение и многу разбирање, што знае дека ќе греши, но што ќе си простува прво себеси, па после и на другите. Кога нешто сакав многу силно, ја вложував целата душа за да го добијам. Па дури и да не го добиев знаев дека сум вложила сè што имам и немам, па колку и да бил тежок или истоштувачки процесот, бил доволно добар за мене. Не знам да дадам добра дефиниција за успех, затоа што никогаш не сум трчала за да го ловам успехот. Едноставно премногу сум ги сакала работите што сум ги правела и биле направени со многу љубов. А успехот, парите и сè останато си доаѓале сами по себе, спонтано.
View this post on Instagram
Прочитајте го и интервјуто со фотографот Далибор Толевски кој објаснува зошто ја напуштил Македонија за да ја следи својата страст.