Маркетиншки трикови кои ве тераат непотребно да трошите пари
Најголем предизвик за една компанија во современото потрошувачко општество е да создаде маса на потрошувачи кои ревносно ќе ја полнат нејзината каса. За таа цел најголемите бизнис умови успеале да развијат низа маркетиншки трикови со кои ќе ве натераат да потрошите повеќе пари отколку што е неопходно. Ова се оние со кои најчесто сме бомбардирани со намера да се влијае на нашата претстава за вистинските потреби и непотребно да го испразниме паричникот.
Манипулација со сексот и убавината
Кога рекламата ќе го поврзе производот со еден од најсилните човекови мотиви, тој лесно ќе се реши да потроши некој денар, без разлика дали тоа е неопходно. Рекламната индустрија некако успева да ги убеди сите дека никогаш не се доволно убави и дека им треба уште некој производ за да бидат сексуално попривлечни. Во рекламите за производите за убавина секогаш може да се види некој супер модел чија убавина наводно доаѓа токму од тој производ. Во реалноста, ако го замените вашиот крем за лице со оној новиот кој ќе ве направи убави како моделот, често ќе се чудите и зошто не дава резултати и зошто вашиот паричник е полесен.
Манипулација со стравот
Секој производ има за цел да задоволи одредена потреба, но кога некој производ не може да го направи тоа, рекламата може да ја заврши работата манипулирајќи со стравот. Слично како со сексот и убавината, трикот се состои во убедување дека имате преголем проблем кој производот брзо ќе го реши. Гледајќи ја рекламата може да почуствувате дека проблемот со брчките, со телесната тежина или со опаѓањето на косата е многу поголем од порано. Сепак, ако не сте се грижеле за тоа пред да ја видите рекламата, значи дека нема причина да се грижите и после тоа.
Временски ограничувања
Ако рекламата за некој производ ви вели дека морате да го купите што поскоро затоа што бргу ќе се потрошат сите залихи, не верувајте. Целта е само да ве вознемират и да ви создадат илузија дека имате шанса да сторите нешто важно за вас, а временското ограничување на таа шанса треба само да изврши притисок за позитивно да одговорите на тоа.
Нешта кои „мора да ги имате“
Не постои ништо на светот што мора да го имате без оглед на вашите вистински потреби. Кога ви велат дека нешто „мора да го имате“, компаниите повторно играат на картата на стравот, пренесувајќи ви порака дека нешто нема да биде во ред ако не го поседувате токму тоа. Сепак, запрашајте се што навистина ви треба. Во вакви случаи многу често веќе поседувате нешто слично на она што наводно мора да го имате.
„Искрени“ сведоштва
Ако сопственик на некоја компанија ви каже дека има феноменален производ ќе бидете скептични. Затоа тие често прават реклами во кои што се појавува некој нивен презадоволен потрошувач, чиј живот драстично се сменил на подобро откако почнал да го користи нивниот производ или услуга. Исто така може да се видат славни личности или експерти во одредена област кои го препорачуваат. Сепак, никој не се решава да застане пред камера и да пофали било што за џабе. Сите тие добиваат одреден надомест за рекламата.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.