Лошите љубовни врски не се грешки, туку вредни животни лекции
Дали некогаш сте чуле дека нема ништо сосема погрешно на овој свет? Постои вашата лична перцепција за правилно и погрешно. Она што е правилно според вас, не значи дека е правилно според другите луѓе. Истото важи и за она што е погрешно. Најдобро е да го разберете фактот дека сѐ е неутрално. Нема правилно и погрешно, само мислиме така.
Сѐ што ни се случува е искуство, неизбежен момент. Црниот и белиот поглед кон работите е само во вашата глава. Лесно е да се следи ова правило кога сте среќни и добро расположени, но потешко е да се направи истото кога минувате низ тежок период, особено тогаш кога сте ја изгубиле саканата личност поради несогласувања во врската.
Штом сте вложиле време и енергија во некого, очигледно е дека таа личност ви значела многу и навистина сте верувале дека е посебна. Сте верувале дека ќе останете заедно засекогаш. Но, животот е променлив. Ништо не трае вечно. Секоја врска треба да го помине тестот на времето и за да опстане, постојано треба да поминува низ такви тестови на тој начин што непрестајно ќе се менува и прилагодува.
Ако врската не може да го направи тоа, секоја измината секунда е како темпирана бомба чие експлодирање може да се спречи само доколку промените продолжат да се случуваат. Она што не се менува, исчезнува.
Постојаните прилагодувања им доаѓаат природно на некои работи како што се природата, знаењето, идеите и универзумот. Но, дури ни тие не се вечни. Ништо не е вечно. Врските, пак, се многу кршливи во споредба со овие навидум вечни нешта. Понекогаш, тие успеваат да побегнат од темпираната бомба благодарение на луѓето кои ги сочинуваат. Понекогаш, се менуваат на тој начин што ги оставаат нивните учесници разделени.
Во таков случај, ќе помислите дека врската била грешка. Ќе ја гледате како нешто на коешто сте изгубиле време, емоции и сте жртвувале работи поради кои сега се каете. Но, тоа не е точно. Врската била неутрална. Станува збор за еден од тие неизбежни моменти. Мислите дека би постапиле попаметно кога би се вратиле назад во времето и нема сомнеж дека сте во право. Но, тоа е така затоа што вашето минато „јас“ е поразлично од вашето сегашно „јас“. Вие сте се промениле. Она што би го направиле сега кога би можеле да се вратите назад е она што сте го научиле во текот на сиот тој временски период.
Врската била искуство што ве научило како да бидете со некого, како несебично да се грижите, како да се однесувате со различен тип луѓе и како да се посветите на нечија друга среќа и благосостојба освен на вашата. Ве научила како да се отворите, како гласно да ги кажувате вашите мисли и проблеми, како да комуницирате, како да дадете и да добиете доверба. Сте станале свесни за моќта на грижата, нежноста, верноста и љубовта. Ве научила како да бидете повеќе од еден човек.
Секоја врска има свои добри страни и вие сте го научиле нивното значење. Секако дека има и лоши страни кои исто така можат да ве научат на нешто за себеси и за целата ситуација, само треба да ја побарате лекцијата.
Една лоша врска не смее да ја уништи вашата верба во сите можни врски. Сте ја преживеале темпираната бомба. Зар не би било подобро да живеете со полни гради? Зошто да тагувате поради лошите страни на врската која веќе завршила?
Треба да сфатите дека не ви треба врска за да живеете и да бидете среќни. Неуспешната врска ќе ви овозможи да остварите подобра врска со самите себе. Добро ќе ви дојде да се запознаете себеси и да се здружите со вашето сегашно „јас“. Исто така, можете да ги вложите сите ваши емоции на нешто сосема друго, како на пример на формирањето пријателства.
Времето секогаш ќе изминува и вие секогаш ќе треба да се менувате. Можете да бидете среќни и задоволни за време на промените. Задржете ги работите што ве прават силни и ослободете се од оние што ви се чинат погрешни. Тагувањето никому не му донело ништо добро. Насмевнете се и живејте. Најдобриот начин да продолжите понатаму е доколку тргнете на патување кон среќата.
Прочитајте ги и следниве 12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска.