Лошата страна на клима уредите
Спасот од летните горештини многумина го пронаоѓаат во клима уредите. Доколку климатизерот е квалитетен и редовно одржуван, тој покрај тоа што разладува, го прочистува воздухот, ја намалува неговата влажност и ги отстранува непријатните миризби. Сепак, треба да се знае дека климатизерите со себе носат и опасност, која најчесто произлегува од нерационално наместена температура и од неправилно одржување.
По правило разликата помеѓу внатрешната и надворешната температура треба да биде 6-7 Целзиусови степени, а уредот треба да се чисти и дезинфицира барем два пати годишно. Тоа е така бидејќи, покрај во филтрите, прашина, бактерии, мувла и габички влегуваат во целиот уред, кои потоа можат да предизвикаат повеќе болести.
Најчесто тоа се различни врсти инфекции на респираторниот систем, иритација на слузокожата на очите, носот и крлото, кашлање, силни главоболки, замор и намалена концентрација.
Најопасната бактерија која може да се најде во климатизерот е легионела која може да предизвика Легионерска болест. Станува збор за воспаление на белите дробови, а истата се развива од два до десет дена откако ќе се вдиши бактеријата. Болеста започнува со слабост, поспаност, главоболка и покачена телесна температура, а може да се појави и дијареа и суво кашлање. На ризик од заболување од оваа бактерија најчесто се хронично болните, луѓето со намален имунитет, пушачите и алкохоличарите. За да ја избегнете опасноста од оваа бактерија, повикајте стручни лица да ви ја исчистат климата целосно, филтрите перете ги под млаз вода на секои 15 дена.
Во неодржуваните климатизери можат да се наталожат голем број бактерии, прашина, животински влакна, мувла и габички, што после извесно време може да им наштети на луѓето кои патат од алергии и астма.
Посебно е важно да се внимава на температурата на клима уредот во просториите во кои најчесто седат помали деца, бидејќи ладниот воздух може да предизвика воспаление на ушите.
Доколку температурата во просторијата е прениска, телото ќе доживее шок кога ќе ја напуштите просторијата. Ова е особено опасно за деца, постари лица и хронично болни лица. Температурните разлики поголеми од 8 степени, ги оптоваруваат крвните садови и срцето.
Најчестите реакции на неприродната ладна температура во климатизираните простории е течење на носот, кашлање, кивање, во некои случаи дури и крвавење од носот, поради тоа што слузокожата се исушила. Исто така, доколку се мачите со болки во коските и мускулите, долгото седење во климатизирана просторија може само да ви ги зголеми теговите. Заради сувиот воздух, кожата станува дехидрирана, а тоа ја загрозува ситуацијата на оние кои патат од егзема и други кожни заболувања.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.