Лоша бојадисана коса? Природни рецепти што ќе ви помогнат да ја вратите природната боја
Сите ние знаеме дека фарбата за коса со тек на времето полека избледува, но исто така се случува и да не ви се допадне добиената боја, па да сакате што побрзо да ја извадите бојата и да одберете некоја нова, или пак да дознаете како изгледа старата боја во малку посветла, измиена варијанта. Без разлика која е вашата причина за побрзо отстранување на фарбата, вие можете да побарате помош во кујната. Доколку сакате што побрзо да ја отстраните бојата за коса (ова посебно добро делува кај полутрајните фарби) тогаш на помош повикајте ги оцетот, витаминот Ц, кокосовото масло и сода бикарбоната.
1. Оцет
Користете обичен кујнски оцет за овој процес. Киселината од оцетот ќе ви помогне да ја измиете фарбата, а нема да го оштетите темето, како што може да се случи со некои средства за отстранување на фарба.
Рецепт:
Измешајте оцет и вода во однос 1:1, па со оваа мешавина добро намокрете ја косата. Замотајте ја, покријте ја со пластично ќесе и оставете ја да делува од 15 до 20 минути. Доколку бојата се отстранува послабо, тогаш направете ја смесата со поголема количина на оцет, а помалку вода и повторете го третманот.
2. Витамин Ц
Иако некои за овој третман користат свеж лимонов сок, поефективно е да употребите витамин Ц таблети. Овој третман е посебно ефективен за оние кои ја бојадисале косата со потемна боја и сакаат што побрзо да ја отстранат.
Рецепт:
Земете неколку (од 5 до 10) витамин Ц таблети и ставете ги во мал сад, па сипете малку вода. Гмечете ги со лажичка сè додека не добиете паста. Нанесете ја пастата на мокра коса, ставете пластично ќесе (или крпа за туширање), и оставете да делува еден час. Потоа измијте ја косата како и обично.
Овој метод најдобро делува ако сакате да ја отстраните бојата неколку дена по бојадисувањето (доколку не ви се допаѓа како изгледа и сакате брза промена). Секако, не очекувајте чуда, иако брзо ќе забележите голема разлика.
3. Кокосово масло
Покрај тоа што кокосовото масло е одлично за косата, тоа исто така може да ви помогне побрзо да ја отстраните бојата од косата.
Рецепт:
Во врела вода загрејте шишенце кокосово масло и оставете го да отстои 2 до 3 минути. Кога маслото ќе се загрее (внимавајте да не биде претопло) со помош на апликатор нанесете го на косата. Кога ќе ја покриете целата коса, замотајте ја во врел пешкир и оставете да дејствува еден час. Тој пешкир најверојатно ќе треба да го фрлите, бидејќи бојата ќе премине на него. Можете да ја повторите постапката доколку не сте сосема задоволни од резултатите.
4. Сода бикарбона
Можете да ја користите за миење на косата, како и при отстранување на фарбата. Најдобро делува кога е измешана со шампонот кој обично го користите.
Рецепт:
Обично се меша 1 лажичка сода бикарбона со 1 лажичка шампон. Сепак, ова нема веднаш да ја отстрани бојата, но ќе го забрзате процесот на нејзино избледување. Постапката можете да ја повторите неколку дена подоцна доколку има потреба.