Љубопитноста е една од најважните особини што треба да постојат во вашата врска
Ако некој ве праша што е романтика, како би ја дефинирале? Што значи таа за вас? Понекогаш луѓето може да имаат нереални очекувања, кои најчесто произлегуваат од филмовите. Но, љубовта во реалниот живот е многу покомплицирана отколку во филмовите.
Подароците и изненадувањата може да направат да заборавите како изгледа вистинската љубов
Ако некој каже дека одвреме-навреме не сака подароци или изненадувања од својот/својата партнер/ка, тогаш сигурно лаже. Всушност, подароците и изненадувањата покажуваат дека партнерот или партнерката обрнуваат внимание на вас и прават да се чувствувате важни. Но честото давање материјални предмети може да направи личноста да сака сѐ повеќе и повеќе нешта, отколку да се фокусира на реалната љубов. Љубовта и романтиката не се дефинираат со подароци, туку тие подразбираат запознавање со партнерот на едно подлабоко ниво, создавајќи посилна врска, а материјалните предмети честопати обезбедуваат краткотрајно задоволство.
Љубопитноста е скапоцен дар кој сака да го добие секој/а партнер/ка
За да имате поромантична и подолготрајна врска, клучна е љубопитноста. Кога сте љубопитни околу личноста со која сте во врска, тоа значи дека сакате да знаете сѐ за нејзиниот свет. На пример, претпоставете дека вашиот партнер сака возење велосипед. Иако вие немате голема желба за тоа, сепак одите со него покажувајќи му дека имате желба да научите многу за него преку работите што ги сака. Можеби воопшто нема да уживате во таа активност, но потоа ќе имате за што да зборувате и повеќе ќе се поврзувате, а ќе изградите и посилна и подобра врска помеѓу вас двајца.
Љубопитноста ги руши бариерите и прави да се зближите повеќе
Љубопитноста не значи само да се вклучувате во активности кои ги сака вашиот/вашата партнер/ка, туку исто така да бидете љубопитни и во врска со него/неа како личност. Така ќе си овозможите подобра комуникација. Понекогаш може да избрзувате и да донесувате погрешни заклучоци или претпоставки, па кога постојано ќе се приближувате еден кон друг, многу полесно ќе ви биде да ги предвидите ситуациите и да се поштедите од непотребни аргументи.
На пример, замислете дек вашиот партнер поминува низ потежок период и не сака да разговара за тоа, па како резултат на ова тој се затвора во себе, па дури не ви обрнува внимание ни за важни разговори. Ова може да ви даде впечаток дека тој не се грижи доволно за вас или за ситуацијата. Наместо да претпоставувате и да донесувате заклучоци, обидете се подлабоко да погледнете во проблемот. Со комуникацијата вие ќе можете да ги срушите сите бариери и да се отворите еден кон друг, па повеќе ќе се поврзете и ќе станете поблиски.
Заборавете на филмовите и уживајте во романтиката во реалниот живот!
Љубовта и романтиката се многу повеќе од подароци. Тие се работи кои не може да се купат со пари. Љубовта подразбира внимание, посветеност и љубопитност. Сите овие работи се многу поважни од кој било подарок што некогаш ќе го добиете. Кога ќе ги замените подароците со овие работи, тогаш ќе ѝ дадете можност на вашата врска да достигне едно ново ниво што не би го достигнале во поинаков случај.