Лисната погача од која нема да ви биде доста
Ќе сакате, уште, и уште, и уште…
Потребни состојки:
- 500 грама брашно
- 20 грама квасец
- 200 мл млеко (може и повеќе)
- 5 лажици масло за јадење
- една лажичка сол
- една лажичка шеќер
- 150 грама маргарин
- една жолчка
- сусам
Начин на подготовка:
Ставете го брашното во сад, направете дупка на средината и додајте ги квасецот, шеќерот и малку млеко. Кога квасецот ќе почне да делува додајте го и остатокот од млекото, маслото за јадење и солта и замесете тесто. Штом завршите со месењето оставете го тестото да нарасне. Потоа поделете го на пет еднакви делови од кои ќе направите топчиња и оставете го уште десетина минути да се одмори.
Секое топче растегнете го додека постигнете големина на една мала чинија и премачкајте го со маргаринот кој претходно сте го растопиле. Вака премачкајте четири од петте парчиња тесто и наредете ги едно врз друго. И петтото ставете го врз нив, но немојте да го премачкувате со маргарин. Ваквото тесто растегнете го додека добиете пречник од 45 сантиметри. Од него исечете дел како обрач од надворешната страна и тргнете го настрана затоа што ова тесто ќе го употребите подоцна.
Тестото што остана во средината исечете го на шеснаесет еднакви триаголни делови, а потоа замотајте го секое од тие делчиња, но не како кифлички, туку така што од едната страна на триаголникот ќе биде рамно. Наредете ги сите шеснаесет во круг во тепсија премачкана со масло за јадење или маргарин. Тестото што пред малку го отсековте поделете го на четири еднакви делови, направете ружички од нив и ставете ги во средината.
Ставете ја погачата да се пече на 200 степени, а кога ќе почне да поруменува извадете ја, премачкајте ја со жолчка од јајце, додајте сусам и продолжете со печење на 180 степени. Треба да се пече околу 45 минути.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Vi blagodaram za receptot, odlicen e.
Samo edna zabeleska, pogacata se premackuva so zolcka i se posipuva so susam pred da se stavi da se pece, Dokolku toa posle se napravi, kako vo receptot, testoto ke spadne.
Pozdrav