Летна гардероба за жешките летни денови: Модни комбинации за на работа
Кога ќе дојде летото, а со него и топлото време, сите сакаме да се облекуваме што е можно попријатно. Меѓутоа, и во тие денови мораме да одиме на работа, па затоа треба да размислуваме за прилагодување на нашиот изглед и за на работа и на топлината. Не е секогаш лесно да се постигнат и двете. Но, не грижете се. Ние ќе ви дадеме некои клучни насоки за тоа како да се облечете за на работа, особено ако е канцелариска, а притоа да не ви биде топло. Како да се комбинира удобна гардероба, која исто така е и модерна и може да се бори со високите температури, и притоа воопшто да не го нарушите кодексот на облекување? Ќе ви кажеме сè што треба да знаете на оваа тема.
Стајлинг за лето прилагоден на деловниот кодекс на облекување
Тешкотијата за избор на гардероба за на работа во текот на летото лежи во температурните промени, кои многупати ги почувствувавме и оваа година. Кога одите на работа, рано наутро е свежо, но подносливо. Доаѓате на работа и веднаш треба да се облечете, бидејќи климата е поставена така што група пингвини би се чувствувале многу удобно во вашата канцеларија. По работниот ден, излегувате надвор и чувствувате дека ќе паднете на асфалтот и таму ќе останете. Останува прашањето: како да се облекувате за такви екстремни температурни разлики? Не постои друг начин освен да се облекувате во слоеви. Ви даваме неколку примери на стил за топлите денови на отворено, кои се свежи внатре во канцеларија.
Фустан со блејзер
Добар избор е да излезете од дома со фустан до под колена со кратки ракави и блејзер како додаток, кој се согласува со фустанот. Што се однесува до чевлите, нека бидат салонки или пак, ако е премногу жешко, сандали на штикла.
Комбинезон
Ние сме големи фанови на комбинезони, парче облека што е едно од најлесните за комбинирање. Постојат многу различни модели и материјали од кои можат да бидат направени. Можете да изберете модел со долги панталони, од лесен материјал како што е ленот и да додадете лесен џемпер. Исто така, можете да изберете модел од ткаен материјал кој ќе изгледа елегантно и да додадете палто. На нозете облечете еспадрили или мокасини и чувствувајте се пријатно.
Високи панталони и класична маица
Друга опција што ќе ви даде елегантен изглед и удобно чувство се 7/8-те панталони со висок струк. Ако ги комбинирате со класична, памучна кошула, ќе додадете сериозност во изгледот. Што се однесува до чевлите, сандалите со платформа се одличен избор, а во исто време се и многу удобни за носење.
За да не ви биде студено во раните утрински часови, кога ќе одите на работа, или во канцеларија каде што постојано работи климата, ве советуваме да си понесете бела блуза со долги ракави наместо блејзер. Подоцна, кога ќе си одите дома од работа, можете да ја врзете околу половината и да добиете младешки изглед.
Природни материјали
Најдобриот начин да се победи летната жештина не е само со избор на лесна облека. Всушност, експертите во ова поле советуваат целосно да го покриеме телото кога се изложуваме на сонце околу пладне. Кои сме ние да им се спротивставуваме на експертите?
Бидејќи сме големи обожаватели на природни материјали како што се ленот и памукот, и на беж нијанси кои многу убаво се комбинираат меѓу себе, уште една опција е да носите широки ленени панталони во беж нијанса, кои можете да ги комбинирате со класична бела памучна кошула. За шик изглед, дополнете со сандали на штикла со ремчиња.
Автор: Антонина Велјановска